Град Скопје лани потрошил 15 милиони евра на јавни набавки

226

ННГрадот Скопје и 80 општини минатата година за јавни набавки потрошиле 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. Според клучните наоди од Базата на јавните набавки на општините во 2021 година, лани се потрошени 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.

– Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра – информира Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Градот Скопје со Друштвото за градежништво и трговија ЖИКОЛ од Струмица во вредност од 18,5 милиони евра за изградба на раскрсница улица „Скупи“ и булевар „8-ми септември“, раскрсница булевар „8-ми септември“ и булевар „Никола Карев“, булевар „Никола Карев“ и улица „Словенечка“.

Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 6,5 милиони евра, со фирмата Македонски Телеком за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град. И третиот според вредност тендер на локално ниво е на Град Скопје во вредност од 4 милиони евра со Друштво за транспорт градежништво и трговија ВАТО од Студеничани за изградба, реконструкција и одржување на улица „Борис Трајковски“ од крстосница во населба „Пинтија“ до кружен тек пред мост на Маркова река, фаза 2.

Лани АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука најмногу склучиле договори без објавување на оглас, туку со преговарање, што е всушност 80 проценти од вкупната вредност на овие договори во 2021 година кои што изнесуваа 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година.

– Институциите не се откажуваат од електронската аукција и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата. Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите – се наведува во Извештајот.

„Најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Исто така, стои во наодите, 62 проценти од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, 51 процент од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.