Градинки, доградба и надградба на две училишта, нови паркови и плоштад се дел од капиталните проекти за догодина

33

Проектирање и почеток на изградбата на две детски градинки и изградба на нов плоштад зад  ТЦ „Капитол“, доградба и надградба на две училишта и нови паркови во Аеродром се само дел од капиталните проекти кои ги најавува Општина Аеродром за следната година.

Овие проекти се дел од планираните инвестиции во неколку важни и капитални проекти кои се предвиени во буџетот за 2023 година кој се проектира.

Од Општина Аеродром додаваат дека следната 2023 година ќе биде година на интензивни капитални инвестиции.

-Граѓаните на Аеродром заслужуваат модерна и развиена општина. Општина во која се инвестира, се градат капитални проекти. Општина во која се реализираат голем број проекти и каде европските стандарди интензивно се реализираат и имплементираат, за што говори и последното признание кое Аеродром го доби од страна на Советот на Европа – потенцираат од општината и додаваат дека ги намалуваат непродуктивните трошоци и вложуваа во капитални проекти.

-За првпат Општина Аеродром следната година ќе издаде „зелена обврзница“ која ќе биде поддршка во реализација на капиталните инвестиции во време на економска и енергетска криза – соопштија од општина Аеродром.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека и во следниот период фокусот ќе биде ставен на зелен и хуман развој на општината, со многу поголем интензитет и динамика.

Тоа, како што велат, подразбира дека сите нови објекти кои Општина Аеродром ќе ги изгради во следниот период ќе имаат систем за енергетска обновливост и енергетска ефикасност.