Професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје Гордана Алексова до 24 април ќе одржи шест часа на две теми од областа на македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.
Како што информира лекторот по македонски јазик на Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта, Алексова завчера во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија го одржала своето прво предавање на тема: „ДА-конструкција во македонскиот јазик – граматички и стилистички карактеристики“ пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија.
На 23 април оак, таа ќе одржи уште едно предавање на тема: „Интеркултурните компетенции на учебниците по македонски јазик – теоретски и практичен преглед“. По договор со студентите на Лекторатот по македонски јазик ќе одржи и предавање за Видови предмет во македонскиот јазик, тема која им задава потешкотии во совладувањето на македонскиот јазик. Лекторот Златко Панзов најави уште два настани до крајот на семестарот, односно средината на јуни 2024.
Во рамки на манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ младата уметница Јана Борбала Панзов ќе го реализира и претстави проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик“ пред своите врсници од македонската дијаспора во Унгарија.
Во Будимпешта ќе биде организирана и Македонска вечер.
Во соопштението лекторот Златко Панзов наведува дека преку своите активности не само што го промовира македонскиот јазик, туку активно работи и на промоција на македонската култура преку организација на манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, која претставува единствена културна манифестација од ваков вид во Унгарија и редовно се одржува од 2019.