Во Музејот на Град Скопје, љубителите на уметноста имаат можност да ја проследат годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов”. Изложбата ќе биде поставена во периодот од декември 2023 до декември 2024 година.
На изложбата ќе бидат презентирани 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Родољуб Анастасов, од вредната донациска збирка, која брои околу 400 дела што потекнуваат од различни временски периоди (од 1957 до 2010) и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Годинашната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен – „Човек и простор“, „Човек и време”, „Во потрага по изгубениот простор”, импресивните цртежи од циклуситe „Делување на елементите”, „Промена на обликот”, „Трансфигурирање”, сите изведени во техниката туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 и 1960 година и кои припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија.
Родољуб Анастасов е роден во Скопје, на 25 февруари 1935 година. Во 1962 година, дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1980 година до пензионирањето бил професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.