Годинава помалку склучени договори за тутун, а површините намалени за 4.000 тони

Годинава има за околу 3.000 договори за откуп на тутун помалку од лани, а родот ќе биде помал за околу 4.000 тони. Според тутунарите причината за намалената количества за производство на тутун е корона-кризата и намалената побарувачка, сепак тие очекуваат добра реколта и квалитетен тутун

112

Во некој региони во државата садењето тутун е при крај, а во некој веќе стигна раната прва берба од годинашнава реколта. Меѓутоа и покрај тоа што беше планирано да се засади поголема количина на тутун, сепак корона-кризата им ги наруши плановите на тутунарите. За годинава беше договорено производство на 26.729 тони тутун, но склучени се договори за производство на 23.000 тони. Според тутунарите причината за намалената договорена количина за производство на тутун годинава е корона-кризата и намалената побарувачка, сепак тие очекуваат добра реколта и квалитетен тутун, меѓутоа сè зависи од временските услови.

Од Сојузот за земјоделски здруженија на Македонија велат дека околу 3.000 договори годинава се помалку склучени со тутунарите во Македонија, а родот ќе биде помал за околу 4.000 тони.

-Очекуваме годинава да бидат произведени 23.000 тони, кој се надеваме дека ќе биде со добар квалитет како ланскиот само доколку нè послужат временските услови. Поради корона-кризата и намалената побарувачка површините под тутун  годинава се намалени за околу 4.000 тони, вели за весникот ВЕЧЕР, Менде Стомнаровски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Тој се надева дека и годинава ќе ја постигнат ланската откупна цена која беше највисока во последните четири години и изнесуваше 220 денари за килограм тутун. Лани биле склучени 32.728 на површина од 13.346 хектари за 26.730 тони. Годинава се склучени 29.932 на површина од 12.095 хектари за 22.959 или 23.000 тони.

Тутунарите сметаат дека олеснителна околност е што со промените во Законот за тутун годинава нема потреба од поднесување на евидентни листови, туку само склучување на договори со откупните претпријатија. Законскиот рок за склучување на договори со откупните претпријатија годинава беше продолжен за еден месец до 30 април. Ваквата одлука Владата ја донесе поради вонредната состојба и пандемијата со коронавирусот бидејќи процесот на склучување договори во март не се одвиваше со иста динамика како во февруари.

Од Сојузот бараат тутунот да се проценува во три класи и да се зголемат цените на тутунот за 10 до 20 отсто и да има три класи тутун.

-Некои компании, со склучувањето договори ги зголемија цените, но ние ќе настојуваме да се достигне цената што ја бараме. Ќе бараме сите фирми, со анекси, да го изедначат зголемувањето на цените, за да не бидат тутунарите манипулирани. Ние бараме 10 до 20 насто зголемени цени и да се проценува тутунот во три класи. Односно, за прва класа бараме исто, да биде 280 денари за килограм, за втора класа бараме 220 денари наместо досегашните 200 денари, а за третата класа еден килограм да биде 170 денари, наместо 150 денари. Битно ни е цените од втора и од трета класа да се доближат и да нема голема разлика, вели Стомнаровски.

За разлика од другите региони во државата во Прилепскиот регион каде ова земјоделската култура е најзастапена годинава има зголемен интерес за садење тутун и ќе има над 1.000 договори повеќе.

(А.С.)