„Гест на добра волја“:Помилувана Израелка осудена на смрт во Емиратите поради дрога

79

Израелските власти објавија дека Обединетите Арапски Емирати помилувале Израелка која првично беше осудена на смрт за поседување дрога.

Фида Кидван беше уапсена на почетокот на 2021 година со половина килограм кокаин, за кој тврдеше дека не и припаѓа, објавија израелските медиуми.

ОАЕ, кои имаат строги закони за дрога, подоцна ја замениле смртната казна со доживотен затвор.

Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Лиор Хајат изјави дека Фида Киван синоќа се вратила во Израел откако била помилувана.

Кабинетот на израелскиот претседател Исак Херцог објави дека Израелката била помилувана на барање на Херцог до претседателот на Емиратите шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, кој се согласил да ја ослободи како „гест на добра волја“.

Претставниците на ОАЕ веднаш не го коментираа случајот со Израелката, кој беше тест за почеток на односите меѓу двете земји.

Израелката беше уапсена набргу по нормализацијата на односите меѓу Израел и ОАЕ под посредство на САД врз основа на таканаречениот Аврамски договор.

Оттогаш, односите меѓу двете земји успешно се развиваат, обемот на трговска размена расте, а израелските туристи масовно го посетуваат Дубаи.

Израелските медиуми објавија дека Фида Кидван, која поседувала фото студио во Хаифа на северот на Израел, дошла во Дубаи да работи на покана на палестински познаник. Набрзо била уапсена бидејќи при претресот во нејзиниот стан била пронајдена дрога.

Во Емиратите постои смртна казна за некои злосторства, вклучително и шверц на дрога.

Сепак, најстрогата казна се применува ретко во таа земја, а последната беше извршена во 2017 година, кога со стрелање беше погубен маж обвинет за киднапирање, силување и убиство на осумгодишно момче.