Германија го прогласи украинскиот Холодомор за „геноцид“

109

Германскиот Бундестаг денеска го прогласи Холодоморот, односно гладувањето на Украинците во кое во текот на зимата 1932-1933 г, кога Јосиф Сталин беше на чело на СССР, загинаа неколку милиони луѓе – за „геноцид“.

„Од денешна гледна точка, историски и политички, геноцидот е очигледен“, се вели во соопштението на Бундестагот.

Министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, на Твитер им се заблагодари на сите кои придонеле за прашањето за Холодоморот да се расправа во Бундестагот.

„Милиони Украинци загинаа во Холодомор поради систематско гладување. Ви благодариме (министерот за надворешни работи на Украина) Дмирто Кулеба за неговиот придонес да се нарече ова злосторство со сегашното име – геноцид“, напиша Бербок на Твитер.

Минатата недела парламентите на Романија, Ирска и Молдавија го прогласија  Холодомор за геноцид врз Украинците.

Украина секоја година го одбележува сеќавањето на жртвите на Холодомор во четвртата сабота во ноември, а оваа година тој датум беше 26 ноември.

Украинскиот весник „Киев Индепендент“ наведува дека Украина се обидела Холодомор да биде меѓународно признаен како чин на геноцид и дека досега повеќе од 20 земји го прогласиле Холодомор за геноцид.