Вучевиќ со една изјава го вжешти Балканот, Вучиќ го гаси пожарот

Српскиот претседател Александар Вучиќ дипломатски ја смирува топката, откако српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ го разбранува регионот со изјавата дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на Македонија и на Црна Гора. Вучиќ побара од српските функционери да бидат внимателни во изјавите за да не кажат нешто што би можело да биде искористено од страна на други. Македонскиот премиер, Ковачевски, пак, на својот Фејсбук објави заедничка фотографија со Вучиќ и под неа напиша дека на средбата во Атина било истакнато дека Србите нè сметаат за пријателски народ.

132

Српскиот претседател Александар Вучиќ дипломатски ја смирува топката, откако српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ го разбранува регионот со изјавата дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на Македонија и на Црна Гора. Вучиќ побара од српските функционери да бидат внимателни во изјавите за да не кажат нешто што би можело да биде искористено од страна на други, затоа што, како што рече, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Атина остро реагирал на косовскиот премиер Албин Курти за случувањата во Тетово.

-Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагираше на Албин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да нè направат исти како Курти, рече Вучиќ за РТС.

Српскиот претседател истакна и дека на неформалната вечера во Атина долго разговарал со Ковачевски и му кажал дека ако било кој во земјава се чувствува навреден за било што, иако тој лично смета дека нема причина за тоа, тогаш се извинува.

 -Македонците се наши браќа и немаме никаков проблем со нив, рече Вучиќ.

Ковачевски, пак, на својот Фејсбук објави заедничка фотографија со Вучиќ и под неа напиша дека на средбата било истакнато дека Србите нè сметаат за пријателски народ.

– Вечерва разговаравме со српскиот претседател Александар Вучиќ во Атина. Ме увери дека како претставник на српската држава, тој ги смета македонскиот народ и македонската држава за исклучително пријателски и дека доколку некој македонски граѓанин е навреден од која било порака од српската држава, тој лично ќе се извини, напиша Ковачевски во понеделникот по средбата.

Преписка на министерско ниво

Ваквото пеглање на односите беше неопходно по изјавата на првиот човек на одбраната во Србија, Милош Вучевиќ, кој на ТВ Пинк ги обвини Македонија и Црна Гора дека се огрешиле кон Србија со признавањето на независноста на Косово. Тој истакна и дека „постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија“, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.

-Направивте грешка и ќе ви се удри од глава, како што во Украина им се удира во глава на сите кои го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа. Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО Алијансата мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи, рече Вучевиќ.

Тука почнува и преписката помеѓу Вучевиќ и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој реагираше преку социјалните мрежи. Османи рече дека очекува појаснување од министерот за одбрана на Србија.

 -Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово, напиша Османи на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер.

На истата мрежа, со сега веќе посмирен тон, но опстојувајќи на ставот, одговори и Вучевиќ.

 -И покрај сите злонамерни и неосновани медиумски известувања, Србија делува како одговорен, доверлив и предвидлив партнер на сите наши соседи. Сепак, не можеме да пофалиме ничие непочитување на нашиот сопствен територијален интегритет. Неодамнешните настани ги докажаа нашите предупредувања дека Косово не е случај од sui generis и дека ќе се врати порано или подоцна. Никој во Србија не се фали за тоа, само ги кажува фактите, напиша Вучевиќ.

Реакција имаше и од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој изјави дека е неприфатлив секој обид за директно или индиректно мешање на странски актери во формирањето на Владата во Црна Гора.

Со коментар се јави и албанскиот премиер Еди Рама, кој порача дека „заканите за стабилноста и интегритетот на Северна Македонија и Црна Гора се опасни и неприфатливи“ и „Голема Европа е нашата единствена иднина“. (В.С.Н.)