Во пресрет на европските избори идниот месец, лидерите на ЕУ ја засилуваат реториката за отворени врати на Унијата за земјите кандидати, вклучително и државите од Западен Балкан. Не можејќи да се пофалат со некое друго достигнување во проширувањето во последните две децении, европските лидери како мотив ја користат убавата приказна за големото проширување на Унијата во 2004 година, давајќи им надеж на земјите од регионот кои долго го одат трнливиот пат кон Брисел, дека во 2030 година може да се случи ново „големо проширување“ на европското семејство. Германија најгласно и недвосмислено повикува на потребата од прием на земјите од регионот во Унијата. По пораката на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер дека не смее да се остави Западен Балкан долго да чека пред портите на ЕУ и лидерот на германската опозициска Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц се заложи за прием на нови земји во Европската Унија и рече дека вратата на ЕУ е отворена за нови членки, вклучувајќи ги и партнерите од Западен Балкан ако ги исполнат критериумите за пристапување.
-Вратата на Европската Унија останува отворена за новите членки како Украина, Грузија, Молдавија или земјите од Западен Балкан, доколку ги исполнат критериумите, рече Мерц за германскиот весник „Тагешпигел“.
Тој додаде дека реформата на процесот на проширување е неопходна поради, како што рече, земјите кои не сакаат да се приклучат во ЕУ или не се во можност да се приближат кон Унијата.
Претходно, по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска унија со Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешката Република, Словачка, Словенија, Унгарија, Малта и Кипар, кои ѝ се приклучија на ЕУ на 1 мај 2004 година, Штајнмаер, заедно со претседателот на Чешка, Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала од Прага повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред портите на Унијата бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.
– После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнмаер.
По повод 20-годишнината од големото проширување на ЕУ, со десет нови членки во 2004 година, и германската министерска за надворешни работи, Аналена Бербок, повика на брз прием на земјите кандидати за членство од Западен Балкан: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
– Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи, за рускиот претседател Владимир Путин, тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.
Ваквите повици и пораки до политичарите, а пред сè, до граѓаните во земјите од Западен Балкан доаѓаат во време кога регионот веќе го губи трпението поради чекање за влез во ЕУ, што го потврдуваат и реториките од политичарите, но и анкетите на граѓаните, вклучително и последната анкета на ИРИ, што ја пренесе Гласот на Америка на македонски јазик. Според оваа анкета, земјите од Западен Балкан се строго поделени меѓу Западот и Русија, а некогаш силната поддршка за пристапување во Европската Унија сега се намалува. Резултатите од анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) февруари-март, која истражувачката група со седиште во Вашингтон ја спроведе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, доаѓаат во време кога регионот се соочува со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ и пораст на проруски чувства.
Анкетата што ја пренесе Гласот на Америка покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс, иако прозападните тенденции се омекнати во Црна Гора и во Македонија, и покрај тоа што станаа членки на НАТО, како и во Босна, каде Турција ги замени САД како клучен сојузник на босанските муслимани. Според анкетата, 34 отсто од Македонците ја гледаат Србија како свој главен сојузник, додека Бугарија, која го блокираше пристапот на Македонија во ЕУ, ја гледаат како нивен главен непријател.
-Генерално, прозападниот тренд во регионот е силен, со неколку забележителни исклучоци. Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина е поканета и други земји, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија, изјави Пол Мекарти, директор на Меѓународниот републикански институт за Европа, за Гласот на Америка.
Сепак, анкетата на ИРИ покажа дека, со исклучок на Србија, големо мнозинство во петте балкански земји ќе гласаат за пристапување во ЕУ.
Додека граѓаните се фрустрирани од бавното темпо на процесот на приклучување кон европското семејство, европските и лидерите на земјите од Западен Балкан се обидуваат да го ублажат револтот и да покажат дека сепак, местото на овој регион е во Европа. На самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана пред два месеци, лидерите од регионот се согласија да ја забрзаат регионалната соработка за да имаат повеќе корист од Планот за раст, со кој ЕУ ќе помогне да се обезбеди побрз пат до членството. Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, предупреди дека земјите од регионот на Западен Балкан ќе добијат помош од шест милијарди евра, доколку ги спроведат неопходните европски реформи, но по 2027 година ако не ги исполнат препораките ќе биде тешко да продолжи помошта. Вархеји рече дека времето на чекање за влез во ЕУ заврши. Тој истакна дека со планот, економиите на земјите од регионот би можеле да се удвојат во следните десет години. Дел од познавачите коментираа дека во недостиг на поамбициозна агенда за проширување, ЕУ ни нуди пари.