Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди дека во комерцијална фарма за свињи во карбинското село Таринци е потврден последниот позитивен случај на болеста африканска чума кај свињите и тоа кај едно животно, но мора да се уништат вкупно 9.000 животни во оваа фарма.
Од АХВ потенцираат дека аако станува збор за изолиран случај на заболено животно, од фармата во село Таринци ќе треба да се убијат и нештетно да се уништат околу 9 илјади животни во потврденото жариште и во контактните одгледувалишта за кои во тек е епидемиолошката анализа.
– Истите, согласно највисоките светски стандарди треба нештетно да се отстранат, односно да се закопаат во јами, без никакви последици по здравјето на другите животни, луѓето ниту човековата околина. АХВ уште од првиот ден е во интензивни контакти со локалната самоуправа која има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни. Како одговорна институција за здравствената заштита на животните, апелираме брзо да се реагира од страна на локалната самоуправа бидејќи станува збор за болест која брзо се шири и која нанесува големи финансиски загуби. Неминовно е одговорно однесување и од страна на сточарите и од локалните самоуправи – се вели во соопштението на АХВ.
Жителите на селата Таринци и Нов Карорман заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, завчера организираа протест и не дозволија да се создаваат јами, во кои ќе се закопаат заболените свињи од африканската свинска чума во фармата која е во близина на селото Таринци. Паунов вели дека според информациите станува збор за 9.000 до 10.000 свињи, кои се одгледувале во најголемата фарма во овој регион.
– Еден од најголемите произведувачи на свинско месо е токму оваа фарма во село Таринци и она што е голем проблем во овој момент, каде тие угинати свињи би завршиле. Тие се обидуваа на државно земјиште да го узурпираат и да копаат некој вид јами, коишто би биле потенцијална гробница на угинатите свињи – рече Паунов.
Тој посочува дека градежните машини копале меѓу селата Таринци и Нов Караорман и во непосредна близина на Индустриската зона, каде што има неколку фирми.
Од АХВ потсетуваат дека во услови на епидемија или добиточна болест, согласно член 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување на болест е кривично дело за која е предвидена парична казна или затвор до три години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета.
Според податоците за година и половина по појавувањето на првиот случај на болеста во делчевското село Драмче, до последниот позитивен случај во село Таринци, убиени и нештетно отстранети се околу 3,5 илјади свињи.