Со предлог-законот што го утврди Владата на својата шеста седница, се предлага заострување на режимот на заштита на споменичната целина на старото градско јадро, согласно со препораките и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и согласно со планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со акциски план (2020-2029). Инаку, токму дивоградбите беа и главната забелешка на реактивните мониторинг-мисии на УНЕСКО, кои го посетија Охрид во повеќе наврати

Во старото градско јадро на Охрид, во иднина не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби. Ова се новините што ќе се внесат во Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Со овој предлог-закон што го утврди Владата на својата шеста седница, се предлага заострување на режимот на заштита на споменичната целина на старото градско јадро, согласно со препораките и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и согласно со планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со акциски план (2020-2029). Инаку, токму дивоградбите беа и главната забелешка на реактивните мониторинг-мисии на УНЕСКО, кои го посетија Охрид во повеќе наврати. На дивоградбите укажуваат и невладините организации од Охрид, кои постојано, на терен, откриваат нови градежни работи во заштитеното подрачје.

Од Министерството за култура, пак, посочуваат дека со овој предлог-закон ќе се поттикнат надлежните органи да извршат ажурирање на геодетските подлоги за 19 урбани комплекси и да донесат нови детални урбанистички планови во кои ќе бидат вградени заштитно-кознерваторски основи со детално разработен режим на заштита, согласно со овој закон и согласно со планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

„Предлог-законот содржи одредби за специфичен режим на заштита на старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, чија цел е да спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина. Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и со Заводот и музеј – Охрид, пристапи кон изготвување на овој предлог-закон, постапувајќи по препораките на УНЕСКО и заканите што се евидентирани во извештаите на реактивните мониторинг-мисии на УНЕСКО / ИКОМОС / ИУЦН од 2017 и 2020 година и во мноштво други релевантни извори“, додаваат од Министерството.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „охридско природно и културно-историско подрачје од 1978, како и од „природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1979/1980 година.

На шестата седница на Националната комисија за УНЕСКО, која се одржа деновиве, министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, се осврна на извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на одлуката на Комитетот за светско наследство.

„Потврдувајќи го отворениот и партнерски однос со Република Албанија кон Центарот за светско наследство и советодавните тела, во јануари 2024 година побаравме заедничка реактивна мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и советодавните тела, која ќе се реализира кон крајот на март 2024 година“, информираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа дополни дека ќе се реализира мисијата за да се процени моменталната состојба со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, со насоки за идните активности со цел соодветна заштита на наследството.

„Состојбата со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион ќе биде разгледана на 46. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која треба да се одржи во јули 2024 година, кога и ќе следува донесување нова одлука за статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, информираше Костадиновска-Стојчевска. (Д.Т.)

Важи ли законот и за охридското крајбрежје во Струшко?!

По добиена пријава од граѓанската иницијатива Охрид СОС дека на охридското крајбрежје, на потегот од Струга кон Радожда, се изведуваат градежни активности, инспекторите при вонреден надзор констатирале градежни активности изведени од камен, за оградување парцели меѓу Охридското Езеро и патот село Радожда – Струга. Државниот инспекторат за животна средина вчера соопшти дека излегле на терен виш инспектор за заштита на природата, државниот инспектор за животна средина од канцеларија Охрид и овластени инспектори од Општина Струга за животна средина и градежништво, како и инспектори од ОВР Струга.

„На едната локација имаше градежни активности за изградба на ѕид, најверојатно од бетон, за што имаше поставено шалувани оплати, кои не беа во езерото. На самото место немаше присутни лица што ги изведуваат градежните активности, исто така немаше градежна механизација“, стои во информацијата.

Постапката, како што наведуваат, треба да продолжи од Општина Струга, согласно со законските овластувања.