Сè поголем е бројот на дуќани што зјаат празни, а излозите се излепени со натписите „се издава“. Може да се видат празни дуќани и на многу добри локации, на кои некогаш беше невозможно да се изнајмат. И покрај тоа што паѓаат цените за изнајмување деловен простор, трошоците за струја, вода, парно, Интернет… се високи, па поради тоа, голем дел од бизнисите се селат во станови. Познавачите на пазарот велат дека падот на цените на дуќаните се должи на големата понуда на деловен простор и на затворањето голем дел од малите дуќани поради конкуренцијата од големите маркети и од трговските центри. Од агенциите за недвижности велат дека сега во Скопје може да се изнајми дуќан и за 3.000 денари, што не било случај порано.
– Цената на деловниот простор за изнајмување се намалува, бидејќи има хиперпродукција и зголемена понуда, а мала побарувачка. Големите маркети ги затворија малите маалски дуќанчиња, а дел од бизнисите се преселија во станови. Сега, тенденцијата е да се прават поголеми деловни објекти и во нив да се продава храна, облека, техничка стока… Граѓаните сакаат да ги задоволат сите потреби на едно место. Овој тренд, кој го наметна Западот, предизвика зголемена побарувачка за голем деловен простор од 300 до 400 квадратни метри – вели за ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.
Според него, дел од малите бизниси, поради високите комунални трошоци, се префрлиле во станови.
– Сè почесто, дел од малите бизниси изнајмуваат станови наместо дуќани, бидејќи трошоците се многу помали. Во дуќаните се плаќа индустриска струја, а повисоки се и трошоците за парно, вода, Интернет…. Од друга страна, трендот сега е да се отвораат бизниси подалеку од градскиот метеж, во таканаречените сервисни зони, односно Г-зони, каде што има бесплатен паркинг и друга инфраструктура – објаснува Велковски и додава дека поради тоа, изнајмувањето и продажбата на дуќани одат многу тешко.
И од агенциите за недвижности се согласуваат дека сè повеќе мали бизниси се селат во станови поради помали трошоци.
– Во една зграда, од осум дуќани, шест се празни. Во моментов, бројот на дуќани во Скопје е многу поголем од побарувачката, поради тоа и цената на изнајмување постојано паѓа. Така, на пример, сега може да се изнајми дуќан за 50 евра за разлика од пред неколку години, кога не можеше да се најде под 100 евра. Оние што отвораат нови бизниси, изнајмуваат станови бидејќи им е поевтино – велат од агенциите за недвижности.
Сите колективни згради или објекти за домување што се изградени во последниве неколку години на фреквентни места во Скопје, го имаат наменето првиот кат за деловни простории. Има и такви објекти каде што првите два ката се наменети за деловни простории. Сето ова влијаеше на зголемената понуда и на падот на цените на деловниот простор во главниот град.
(А.С.)