Во Општина Кичево попишани 48 000 граѓани

380
Пописот на население, домаќинства и станови во Општина Кичево заврши во законскиот рок. Согласно рокот, попишани се 48 000 граѓани, жители на оваа општина кои постојано престојуваат во земјава. Во текот на оваа статистичка операција мал беше бројот на граѓани кои одбија да се попишат или беа во дилема дали истото да го направат, потврди Емин Насуфи претседател на Општинска пописна комисија.
-Во нашата општина во законскиот рок заврши пописот на население, домаќинства и станови. Во периодот за попис во нашата општина се евидентирани 48 000 жители, граѓани чие постојано живеалиште е Општина Кичево. Што се однесува до проблемите во реализација на пописот, имавме сосема мал број на поединци кои одбија да се попишат или беа во дилема тоа да го направат. Сепак успеавме и овие лица да ги попишеме и во законскиот рок да ја завршиме целокупната операција, додаде Насуфи.

Тој посочи дека го решиле и проблемот со недостаток на реонски попишувачи, со кој се соочиле од самиот почеток.

-За да го решиме проблемот ангажиравме девет лица од јавната администрација, кои се работно ангажирани со договор на дело и 18 лица кои се во стален работен однос. За овие 27 нови реонски попишувачи беше организиран дводневен семинар и тие последните осум дена се вклучија во оваа статистичка операција и ја завршија на задоволство на општинската пописна комисија. Преостанатите жители на нашата општина од дијаспората се попишаа или се самопопишаа во земјите каде што работат стално или привремено, додаде Насуфи.