Зелените од Гази Баба реагираат во врска со новата состојба околу измените кај дистрибутерите на топлинска енергија. Оттаму потенцираат дека образложението од АД ЕСМ за оптимизација на системот на топлинска енергија е само намера за замачкување на очите на корисниците.

– Дали овој потег е со цел да се предизвика незадоволство кај населението во Автокоманда од услугите на ЕСМ, па граѓаните со радост ќе дочекаат приватен инвеститор да ги грее? – прашуваат тие.

Зелените од Гази Баба имаат сознанија дека Владата веќе договорила изградба на нова когенеративна постројка во кругот на Железара.

– Инвеститорот бил од наша соседна земја и би се појавил како спасител. Дали во овој случај „ЕЛЕМ – Енергетика“ за евтини пари ќе ги грее Бутел и Чаир, а Скопје-Север да се исфрли од системот и да се затвори? – нагласуваат зелените од Гази Баба.

Од АД ЕСМ образложија дека спроведените промени во системот на греење на Град Скопје се во насока на стандардизирање и изедначување на греењето. Оттаму нагласија дека две илјади потрошувачи од „Енергетика“, од вкупно четири илјади, се префрлени на мрежата на „ЕСМ – Снабдување“ (главната градска мрежа на која се снабдува Скопје), додека за другите две илјади што остануваат на „Енергетика“, во следниот период ќе се направат технички подготовки од следната грејна сезона да добиваат греење како и останатиот дел од градот.

Причината за воведените промени е тоа што „ЕСМ – Енергетика“ ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли, кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа, со енормна потрошувачка на гас.

– Кога се зборува за оптимизација, зошто не се кажува што се подразбира под тоа? Дали ќе се намалат трошоците и цената на парното, дали ќе добиеме поквалитетно греење? Кога се зборува за оптимизација, зашто Град Скопје не ја преземе мрежата со цел да ја проширува на цел град, да ја автоматизира и оптимизира, а производителите на топлинска енергија да понудат најниска цена за користење на мрежата на градот и да испорачуваат топлина по најниска цена согласно со закон. Така ќе има конкуренција меѓу производителите, па кој сака, нека повели, а граѓаните ќе се греат по најниска цена. Така ќе се реши и енергетската сиромаштија, затоа што градот може да реши да им испорачува на сиромасите бесплатно или со попуст – потенцираат тие.

На зелените не им е јасно која е економската логика за изградба на втора ваква постројка на растојание од само неколку стотици метри воздушна линија од ТЕ-ТО АД Скопје кога се знае дека оваа компанија поседува потенцијал да го снабдува цел овој дел на градот, па и пошироко, со топлинска енергија.

– Како ќе влијае работата на таква постројка со кумулативно влијание ако знаеме дека пареата ги врзува загадувачките честички и хемикалии во воздухот и создава смог од кој сите се душиме. Дали жителите на Автокоманда и на Ќерамидница се однапред осудени на штетно влијание на овој процес? – велат зелените од Гази Баба.

Лани во октомври, од Владата соопштија дека ѝ е дадено зелено светло на грчката компанија „Митилинеос“ да гради гасна централа во Скопје – инвестиција од 211 милиони евра. Објаснувањето беше дека одобрението е дадено согласно со Законот за стратешки инвестиции, а по јавен повик за поднесување барање за утврдување стратешки инвестициски проект, кој беше објавен на 31 јануари 2022 година, со цел создавање услови за зголемување на домашното производство на електрична и на топлинска енергија.

Централата ќе произведува електрична и топлинска енергија, а погонско гориво ќе ѝ биде природниот гас.

– Според предвиденото, централата се состои од постројка за електрична енергија (со моќност 90-105 мегавати) и за топлинска енергија (со моќност од 135-150 мегавати). Се очекува годишното производство на електрична енергија да изнесува околу 1.150 гигавати и околу 275 гигавати топлинска енергија, кои се очекува да бидат испорачани во соодветните енергетски системи – МЕПСО и системот за пренос на топлина на Град Скопје – истакнаа од Владата.

Групацијата „Митилинеос“ лани во мај формираше своја компанија во Македонија, а од Владата тогаш информираа дека нема да се објавуваат информации додека не се договорат сите детали. Од Владата најавија дека и државното АД ЕСМ ќе изгради ваква постројка со 54 мегавати, во главниот град.

(С.Бл.)