Во монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“ подготвена од Ана Мартиноска и Жарко Иванов се објавени сите тажачки песни кои се пронајдени во легатот на македонскиот етномузиколог Васил Хаџиманов во МАНУ, а кои се само мал дел од неговиот собран опус. Авторите порачаа: Да не дозволиме околу 8.000 песни и ора кои сè уште се во архивите што претставуваат огромно национално богатство, да паднат во заборав

Над 200 тажачки песни од архивските материјали на македонскиот етномузиколог Васил Хаџиманов (1906-1969), со тематика за скопскиот земјотрес од 1963 година, се поместени во монографијата подготвена од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, а чија промоција се одржа во вторникот, во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар.

Насловена „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“, во издание на Институтот за македонска литература (2023), во монографијата, како што вели коавторката Ана Мартиноска за весникот ВЕЧЕР, се објавени сите тажачки песни кои се пронајдени во легатот на Васил Хаџиманов во МАНУ, а кои се само мал дел од неговиот собран опус од околу 8.000 македонски народни песни и ора.

„Бројката од над 200 тажачки песни е многу важна, бидејќи претставува огромен број во целата македонска фолклористика. Само да споредиме, од Цепенков, Шапкарев, па до последните истражувачи како Љупчо Ристески, кој собрал во Мариово десетина тажачки песни, вкупната бројка во целата македонска фолклористика е над 100 тажачки песни, а само овде бројот на тажаленки со тематика за скопскиот земјотрес е удвоен. Тоа, како бројка, е импресивно, но и уникатно во светски рамки, по таква колективна трагедија и траума (скопскиот земјотрес), некој воопшто да пристапи кон ваков документаристички и етномузиколошки подвиг, да има свест и визија во такви сензитивни моменти и околности да тргне и да забележува“, вели Мартиноска, објаснувајќи го значењето на неверојатниот подвиг на Васил Хаџиманов.

Таа вели и дека песните во МАНУ се пронајдени во повеќе форми.

„Некои од песните се пронајдени на ленти што беа со застарена техника, па ние во технички студија се обидувавме да ги дигитализираме за да можеме да ги преслушаме и да ги транскрибираме. Некои паралелно ги пронајдовме и во бележниците, односно свеските, како што ги нарекуваше Хаџиманов, и во неговите нотни записи, па тие се споредуваа со лентите за да се комплетираат, за да се дешифрираат. Бидејќи и лентите се тешки за дешифрирање како и ракописот, бидејќи се снимани и запишувани во едни деликатни мигови, понекогаш дури и скришно, понекогаш се мешаат повеќе звуци од заднината, бидејќи тоа биле масовни колективни гробници, една до друга, па се преклопуваат звуците. Тој процес на дешифрирање траеше две години, сообразување и на крај – толкување на овој корпус песни, каде што третата, последна група се само фрагменти од нотни записи“, додава Мартиноска.

Невидениот подвиг на Васил Хаџиманов

Како што вели професорката, Васил Хаџиманов, во тоа време, со еден огромен магнетофон на рамо успеал да ги сними тажачките на семејствата кои ги оплакувале своите загинати во скопскиот земјотрес.

„Технички тоа не било едноставна задача, уште повеќе што некаде требало и да се убедат семејствата да дозволат снимање. Тој одел не само на погребите туку и на помените на шест месеци, на една година по земјотресот, што значи навистина бил посветен на овој потфат“, истакнува професорката од ИМЛ.

Таа додава и дека Хаџиманов, за жал, се разболел и сметал дека тоа е како резултат на тој голем потфат. „Тој имал срцеви проблеми и по некоја година починал (1969) и не ја завршил својата мисија. Самиот кажувал дека го праќале на ‘таласотерапија’ во Опатија и дека лежел во болница во Скопје“.

За идејата како настанала монографијата, Мартиноска рече дека сè почнало од еден цитат на фолклористот, професорот Кирил Пенушлиски, кој во својата „Македонскиот фолклор – историски преглед“, пишувајќи за тажаленките, го завршува својот текст со една оскудна информација дека Васил Хаџиманов собрал 500 песни на скопските гробишта по земјотресот.

„Заедно со Жарко Иванов, кога дојде во ИМЛ, решивме да ги пронајдеме тие снимки, па дознавме за легатот на Хаџиманов и најдовме 40-ина огромни кутии метар на метар во кои има море од разни видови архивски и ракописни материјали. Значи, не се само тажачките песни, таму има околу 8.000 народни песни и ора – огромно национално богатство, кое ни скапува во заборав и на кое никој со децении не му посоветувал внимание, а еве сега е јубилеј – 60 години од земјотресот“, додава Мартиноска.

Таа потсетува дека Васил Хаџиманов иако по професија бил фармацевт, бил еден од првите интерпретатори на народни песни кога почнале да се формираат телевизиите и радијата во поранешна Југославија.

„Бил вработен и во Радио Загреб, како интерпретатор на македонски народни песни и бил многу популарен. Тој ја врзувал својата концертна со својата етномузиколошка дејност. Имал свест за важноста и му била животна мисија да зачува и да собере што повеќе материјал. Неговиот биограф, Ѓорги Ѓеоргиев, вели дека на паузите кога имал концерти, ги собирал од публиката сите баби за да му пеат песни и ги снимал и затоа опусот е толку голем. Буквално, животот го посветил, секој слободен миг да го собере ова национално богатство“, вели професорката.

Содржината на монографијата

Освен песните, во монографијата е поместен и научен труд на авторите Мартиноска и Иванов.

„На почетокот од монографијата, во нашиот научен труд, ние правиме систематизација на сите претходни истражувања за тажачките од Марко Китевски, Ленка Татаровска, Блаже Ристевски, Томе Саздов, иако не се многу на број оние што се занимавале општо со оваа тема. Ги систематизираме тие карактеристики, генерални, на тажачката песна како жанр, колку е специфична таа, колку ѝ припаѓа на лирската поезија, меѓутоа дека има во себе и елементи на епика, односно на нарација, раскажување, кои се тие стилистички и семантички карактеристики на жанрот генерално, како и структурата – кои се тие шаблони и матрици што се повторуваат во структурата, до извиците, рефрените, како на крајот од секој стих има ох, ох, или леле итн. Тематиката на овие песни е најголемата разлика од сите претходни тажаленки, бидејќи овие се тематски врзани со земјотресот. Во самите текстови тие зборуваат за градот во урнатини, за потрагата по тела, за социоекономската состојба на земјата, за урбанизацијата и индустријализацијата. Песните зборуваат за таа миграција од другите места кон Скопје. На пример, мајките велат: ‘Да си дојдеше, сине, дома, немаше да загинеш во тоа Скопје’. Или ги има тие потресни стихови од типот: ‘Отиде за да купиш голем стан, сега заврши во мал ковчег’. Или за потрагата, кога не знаат дали се починати нивните блиски, па ги бараат по болници, наоколу, со денови. Има и песни кои зборуваат какви биле луѓето што веќе ги нема, за нивните карактеристики, ги оплакуваат и нив и оние што останале по нив. Овие материјали ние фолклористички ги обработивме, од еден книжевно-историски аспект, меѓутоа допрва тие можат да се користат од етномузиколозите, кои ќе зборуваат повеќе за музичката страна на овие песни. Тој дел во книгата е покриен на тој начин што во книгата е ставен текст на самиот Васил Хаџиманов, кој е етномузиколошки, кој тој го објавил во списанието „Современост“, во 1964 година“, додава Мартиноска.

Иако еднаш неговиот биограф, Ѓорги Ѓеоргиев, се обидел да ги чита и овие песни, вториот ден се откажал, бидејќи го совладале чувствата, тоа било психолошки премногу тешко.

Емотивната димензија на подготовката на монографијата

Прашана, пак, како двајцата автори на монографијата успеале емотивно да се изборат и да се соочат со овие тажачки песни додека ги преслушувале и дешифрирале, Мартиноска вели дека не може да се долови тоа со зборови.

„Некои песни моравме и по десетици пати да ги преслушаме за да може да се дешифрира секој збор. Земете предвид и дека тој говор е високо емотивен, придружен со плач, со лелеци, со офкање, тоа не е течен говор што лесно се следи, беше премногу емотивно. Психолошки навистина не беше едноставно. Ја оттагувавме секоја жртва поименично. Многупати мораше да ги поврземе имињата кои имаа масовни гробници на десетина членови на едно семејство. Траорни моменти. Имате еден личен однос што го градите со жртвите, бидејќи самите текстови на тажаленките зборуваат за нивната биографија. Од нив дознавме дека има дете што не го дочекало својот втор роденден, баби што сакаат да им подарат чоколадо на своите деца, оставени тротинети, тетратките за училиште, потоа сите видови роднински релации, жени тажат по мажи, мажи по жени, баби по внуци, јатрви, золви. Навистина сфаќате дека трагедијата е колективна, меѓутоа жртвите имаат име и презиме, имаат преживеани, кои ги оставаат зад себе, по кои, исто така, жалите, бидејќи ги загубиле домовите во земјотресот, некои го загубиле таткото во семејството, кој бил единствен извор на егзистенција. И колку е голема таа колективна трагедија…“, вели емотивно Мартиноска.

На промоцијата на монографијата, свој музички настап имаа Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски, а промотор беше Илина Јакимовска. Со едноминутно молчење и со порака да не се заборави и да не се повтори, им се оддаде почит на Вања и на Панче, чија насилна смрт деновиве ја потресе Македонија. Како што рече Мартиноска, за жал, контекстот е ист, противприродна смрт, во еден случај насилно и брутално убиство, во другиот природна катастрофа.

„Сочувството и колективната емпатија се споредливи“, додаде таа.

Таа добила порака од жена која дошла со синот на промоцијата, а која ја пронашла во книгата својата баба, а на гробот плачела нејзината прабаба.

„На промоцијата споивме пет генерации на едно семејство и му дадовме една можност на семејството да има еден увид во тој траорен семеен момент. На тој начин ја остваруваме целта да се направи таа трансгенерациска врска. Зашто скопскиот земјотрес не е важен само за меморијата на оние што го преживеале и што лично го паметат туку и за сите што сме родени по земјотресот, а сме врзани со темата на скопскиот земјотрес, бидејќи сме слушале приказни, лични сведоштва“, вели Мартиноска, додавајќи дека по оваа промоција им се родила нова идеја за следна книга – за документирање на преостанатите лични сведоштва од скопскиот земјотрес.

Но, како што додаде, и натаму ѝ се посветени на идејата сè што е во легатот на Васил Хаџиманов да се обработи, иако самите не можат да го реализираат тоа.

„Ако за 200 песни ни требаа две години, за 8.000 ќе ни требаат уште 40 години, кои ги немаме. Овој пат работевме сосем волонтерски сите, со верба дека е важно она што се прави. Меѓутоа, државата е таа што треба да ни помогне за да можеме да оформиме тим за да може да се сработи таа работа во рок од неколку години“, истакнува Мартиноска.

Додава дека досега за легатот на Хаџиманов е направена каталогизација на тоа што има во кутиите, но никој досега не ги објавил и научно не ги обработил песните. Ги чувало неговото семејство, па потоа биле подарени од синот на Васил Хаџиманов, Зафир, на МАНУ, пред 20-ина години. Повикувале и Зафир и внукот Васил државата нешто да направи.

„Тоа е нашата македонска лична карта, тоа е нашиот аргумент во борбата за националната самобитност и тоа треба да им биде приоритет на сите. Срамота е што дозволуваме такво национално богатство да пропаѓа, да гние во заборав. Бројката е огромна, јас ја споредив со Зборникот на Миладиновци, каде што има околу 600 песни, а тоа е Библија на македонштината, а овде имаме 8.000 песни и ништо не правиме со нив. Во некое последно интервју, Васил Хаџиманов рекол дека се надева дека некогаш некои млади луѓе ќе се сетат и ќе им биде важно. Еве, и јас, исто така, се надевам дека ова што го направивме, ќе поттикне некого да ни помогне да продолжиме. Навистина мора нешто да се направи“, завршува Мартиноска.

Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ