Ветингот не смее да биде процес како што беше лустрацијата!

229

Ветингот во судството не смеат да го спроведат политички партии, сметаат експертите. Тие велат дека пред да се примени ветингот, процесот мора да гарантира дека нема да биде како процесот на лустрација што беше спроведен пред неколку години.

-Прашањето на ветинг заслужува внимание и треба да се донесе модел кој на крајот на денот ќе донесе бенефит за институциите и за граѓаните, а не да биде ‘се плашам тело’ од типот на она за лустрација. Нешто многу ме асоцира на тоа, во принцип еден вид на лустрација е вака грубо кажано. Прочистување да се види некој како функционирал досега. За жал, кај нас многу често некои решенија кои се предлагаат имаат политичка агенда, меѓутоа мислам дека ова прашање треба да се постави експертски и да се третира експертски. Тука политички импровизации не може да има, тие не се дозволени. Затоа што некој можеби има политичка агенда и со добри намера, но тоа да резултира со некоја хаварија во институциите во системот“, предупредува поранешниот член на Антикорупциска комисија и адвокат Драган Малиновски.

Неговиот колега Звонко Давидовиќ, вели дека ветингот треба да го спроведе независно тело, помогнато од меѓународен експерт.

Адвокатот Денис Прешова, вели дека политичкиот фактор во земјава нема идеја што да очекува од ветингот и како ќе се спроведе. Осврнувајќи се на ветингот во земјите од регионот, Прешова вели дека во Македонија ситуацијата е уште полоша поради фактот што судството е под политичко влијание.

Неодамна, министерката за правда Рената Дескоска изјави дека покрај имотот, ветингот вклучува и влијанија врз судиите и обвинителите.

И премиерот Зоран Заев смета дека во процесот на ветинг не може да учествуваат политичарите.

-Ваквиот процес мора да ги извади политичарите надвор од ваквите комисии за спроведување на ветинг, тоа мора да бидат стручни експерти, препорачувам и меѓународни кои ќе влезат внатре за да се спроведат процесите. Следува за нашата земја сериозен месечен, па и повеќегодишен процес на севкупна трансформација на општеството, тоа е преговарачкиот процес. Верувам низ тие процеси ќе ги пронајдеме и најдобрите решенија и во правосудството, рече Заев.

Тој, викендов во интервју за албанска телевизија изјави дека спроведувањето на ветингот во судството е планирано уште од доаѓањето на власт, но не е започнато заради препораките од Европската Унија.

-Го ветив ова на изборите, не ветинг, туку она тоа што го сметам за признавање на правото на реизбор на судии и обвинители. Беше дел од програмата. Но, кога ја презедов функцијата, ЕУ не ми даде можност да го започнам процесот. Зошто? Затоа што можеби требаше да следат како тој одеше во Албанија, како ќе заврши таму. Тие ни кажаа дека немаме луѓе, нема како да ги пополниме работните места, рече премиерот Заев. Според него, потребата од ветинг е наметната од однесувањето на некои судии и обвинители.

На обвинувањата на СДСМ вели дека опозицијата е против ветинг на судии, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не се против ветингот како процес, но смета дека тој ветинг не го решава проблемот.

– Главниот проблем не е само кај обвинителка како што е Рускоска, или Катица Јанева, изворот на проблемот е во постоење на премиер како Зоран Заев, кој прави брутален притисок врз судии и обвинители и врши упад во правдата. Какви и обвинители и судии да имате, кога од другата страна има премиер како Заев тој ќе си најде канал за реализација на својот политички интерес, вели Мицковски.