EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

Новата сезона во Формула 1 почнува овој викенд, кога е на програмата трката за Големата награда на Бахреин. Главен фаворит за титулата, сосема очекувано, се споменува актуелниот шампион, Макс Верстапен, кој и оваа сезона доби моќен болид од инженерите на Ред бул.

Инаку, Макс Верстапен, кој лани постави рекорд со вкупно 19 триумфи во една сезона, ќе влезе во сезоната со амбиција да се изедначи по бројот на титули со легендарниот Алан Прост и со поранешниот возач на Ред бул, Себастијан Фетел, чиј рекорд за последователни победи, девет, го собори минатата сезона.

Покрај Холанѓанецот, за тимот на Ред бул ќе вози и Мексиканецот Серхио Перез, кој минатата сезона оствари две победи, а најголеми конкуренти на австрискиот тим ќе му бидат Ферари и Мерцедес. Овие два тима беа во центарот на вниманието на јавноста откако на почетокот од месецов беше објавено дека на крајот од сезоната, седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, ќе се пресели од германскиот тим во Ферари. Овој трансфер го стави во втор план почетокот на новата сезона. Па така, Хамилтон го „истурка“ Карлос Саинц од болидот на Ферари, а, од друга стана, во својата последна сезона во Мерцедес, Хамилтон ќе го има Џорџ Расел за тимски колега. А, прв возач на тимот од Маранело, сигурно, ќе биде Шарл Леклер.

Немаше промени на возачите ниту во другите седум тима, а, меѓу другите, во борбата за висока позиција во генералниот пласман ќе се вклучат и возачите на Мекларен (Ландо Норис и Оскар Пјастри) и возачите на Астон Мартин (Фернандо Алонсо и Ленс Строл).

Љубителите на Формула 1 ги чека уште подолга сезона, бидејќи оваа година носи рекорден број трки – дури 24, од кои спринтерските трки ќе се одржат на шест патеки. Големата награда на Кина се враќа во календарот за прв пат по 2019 година и пандемијата на коронавирусот (21 април), а првата спринтерска трка во сезоната ќе се одржи во Шангај.

Исто така, воведните две трки, во Бахреин и во Саудиска Арабија (9 март), се преместени од недела за сабота, поради „Рамазан“, што значи дека новата сезона и официјално почнува в сабота во 16 часот.