Велика Британија го обвини рускиот претседател Владимир Путин за намерно ширење лажни информации, откако тој рече дека Обединетото Кралство ја снабдува Украина со „нуклеарно оружје“, јави ДПА.
По разговорите во Москва со кинескиот претседател Си Џинпинг, Путин рече дека Русија „соодветно ќе одговори“ доколку Британија испрати муниција со осиромашен ураниум во Украина.
Министерството за одбрана го отфрли предупредувањето и рече дека оклопните проектили биле стандардна опрема со децении и дека „немаат никаква врска со нуклеарно оружје или такви способности“.
На прес-конференцијата со Си, рускиот лидер се осврна на британските планови за испраќање „проектили со осиромашен ураниум“ во Украина заедно со главните борбени тенкови Челинџер 2. – Се чини дека Западот навистина има намера да војува со Русија до последниот Украинец, рече тој. – Ако тоа се случи, Русија соодветно ќе возврати бидејќи колективниот Запад ќе почне да користи оружје со нуклеарна компонента. Тој не прецизираше каков ќе биде конкретниот одговор на Русија во оваа ситуација.
Во врска со ова, портпаролот на Министерството за одбрана во Лондон изјави дека покрај обезбедувањето ескадрила од главни борбени тенкови Челинџер 2 за Украина, Британија ќе обезбеди и муниција, вклучително и оклопни гранати кои содржат осиромашен ураниум. Таквите патрони се исклучително ефикасни во напад на модерни тенкови и оклопни возила.
– Со децении, британската војска користи осиромашен ураниум во своите оклопни гранати. Ова е стандардна компонента и нема никаква врска со нуклеарното оружје и способностите. Русија го знае тоа, но намерно се обидува да шири лажни информации, истакна портпаролот на британското Министерство за одбрана.
Портпаролот додаде дека независна студија покажала дека влијанијата врз здравјето и животната средина од користењето муниција со осиромашен ураниум „најверојатно ќе бидат ниски“.