Брестовац ќе им даде повеќе одмор на Лазаров, Манасков и Ристовски

152

Македонската ракометна репрезентација за повеќе од еден месец ќе настапи на Европското првенство во Австрија, а селекторот Данило Брестовац веќе го претстави планот на подготовките пред челниците на федерацијата.

Тој воведе новина кога е во прашање процесот на подготовки, бидејќи наместо две, репрезентативците во Скопје ќе бидат само една недела пред стартот на првенството. Интересно е и тоа што репрезентативците во првата недела во Скопје нема да бидат комплетни, што значи дека на домашен терен нема да одржат ниеден тренинг во полн состав. Ракометарите кои настапуваат во Бундеслигата, по традиција, имаат клупски обврски, речиси до Нова година, а Брестовац потврди дека до тие денови планира да ги одмори и Кире Лазаров, Борко Ристовски и Дејан Манасков, кои исто така настапуваат во силно темпо до крајот на декември.

Ракометарите кои настапуваат во Бундеслигата, по традиција, имаат клупски обврски, речиси до Нова година, а Брестовац потврди дека до тие денови планира да ги одмори и Кире Лазаров, Борко Ристовски и Дејан Манасков, кои исто така настапуваат во силно темпо до крајот на декември

Главниот дел од подготовките ќе биде одржан во Словенија, а ракометарите ќе минат заедно една недела со оглед на фактот дека националниот тим ќе се комплетира на 2 јануари.

-Можам да потврдам дека подготовките ќе ги почнеме на 21 декември во Скопје. Имаме закажан турнир во Романија на 28 и 29 декември и би сакал да патуваме со повеќе ракометари, бидејќи нема да можеме да сметаме на играчите од Бундес-лигата. Сепак јас би им дал време за одмор на дел од поискусните како Лазаров, Манасков и Ристовски. Репрезентацијата би се комплетирала на 2 јануари во Скопје, по што заминуваме за Словенија, каде ќе го одработиме финалниот дел од подготовките. Досега подготовките течеа во Македонија, но мое мислење дека е подобро да бидеме поблиску до Австрија, истакна Брестовац.

Македонија на 3 јануари ќе одигра контролка со Словенија, а на 5 со Црна Гора, по што би заминала за Австрија на 9 јануари. Европското првенство за „црвено-жолтите“ стартува на 10 јануари со дуел против Украина, а потоа следат мечеви со Чешка (12 јануари) и Австрија (14 јануари), во рамки на групната фаза.