Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел соопшти дека на Минхенската безбедносна конференција имал одвоени средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел соопшти дека на Минхенската безбедносна конференција имал одвоени средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти, за деескалација на тензиите во односите меѓу Белград и Приштина, но дека, за жал, разговорите биле неуспешни.
Сумирајќи ги резултатите од конференцијата во Минхен, Борел ги претстави четирите главни задачи на геополитичката агенда на ЕУ, а тоа се поголема и побрза поддршка на Украина, ставање крај на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и спроведување на одлуката за формирање на две држави, подобрување на односите на ЕУ со „глобалниот југ“ и зајакнувањето на одбраната и безбедноста на Унијата, објавено е на веб-страницата на службата за надворешни работи на ЕУ.
Борел посочува дека атмосферата на годинешната конференција во Минхен била посебна бидејќи, како што наведе, сите станале свесни дека Европа е во опасност поради двете војни во близина и многу потенцијални конфликти ширум светот.
Тој информира дека остварил голем број билатерални средби со партнери на ЕУ од целиот свет.
Шефот на европската дипломатија потсети и дека учесниците на првиот ден од конференцијата дознале за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во казнената колонија во Сибир и оти му оддале почит на 19 февруари во присуство на вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја.