Бела куќа: Пекинг ја повторува руската пропаганда дека војната во Украина е резултат на западната агресија

534

Не можеме разумно да претпоставиме дека Кина е непристрасна кога станува збор за Украина, изјави денеска портпаролот на Белата куќа, во најдиректната критика на досегашниот предлог на Кина да посредува во тој конфликт.

Пекинг „не ја осуди“ руската инвазија, „не престана да купува руска нафта“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Тој, исто така, го обвини Пекинг дека ја повторува руската пропаганда дека војната во Украина е резултат на западната агресија. Кирби зборуваше додека Владимир Путин и Си Џинпинг денеска во Москва го пофалија влегувањето во „нова ера“ на посебни односи меѓу двете земји.

Портпаролот оцени дека двете земји не се врзани со вистински сојуз, туку со „брак на интерес“.

Кина и Русија „сакаат да ги променат правилата“ што го регулираат меѓународниот поредок, рече Кирби.

Сепак, тој рече дека САД сакаат да ги зачуваат каналите на комуникација со Кина и дека американскиот претседател Џо Бајден сè уште сака да разговара со Си Џинпинг.

Тој рече дека колку што знае, Кина сè уште не испорачала воена помош на Русија. Американската администрација тврди дека Пекинг планира таква помош, а тоа Кина го негира.

Ова се најострите коментари од Белата куќа во врска со самитот Кина-Русија што се одржа денеска во Кремљ, чија цел пред сѐ, беше да се покаже цврстината на односите меѓу Русија и Кина.

Кинескиот претседател оцени дека односите меѓу Пекинг и Москва влегле во „нова ера“ откако со рускиот колега потпиша декларација за продлабочување на руско-кинеското стратешко партнерство.

Путин, кој му приреди официјален пречек на Кси за државната посета што завршува утре, го поздрави „посебниот приоритет на руско-кинеските односи“.

Што се однесува до односите меѓу Вашингтон и Пекинг, веќе затегнати, тие дополнително се влошија откако САД уништија кинески балон над територијата на САД во февруари за кој велат дека бил во шпионска мисија, тврдење кое Кина го негираше.