Ајватовски рид пошумен со 11 илјади багреми

79

Општина Илинден успешно ја спроведе големата акција за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“.

Акцијата за пошумување се реализира на Ајватовски Рид, делот што беше опфатен со големите пожари летово и беше уништена шума во површина од 30 хектари.

– Во оваа акција за збогатување и обновување на шумскиот фонд, насадени се 11.000 садници од видот багрем, а учествуваа голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација, како и општествено одговорни компании – соопштија од Општина Илинден.

Оттаму додаваат дека целта е да се обнови шумата и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина, при што сите ние ќе ги чувствуваме придобивките, но и генерациите по нас.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој учествуваше во акцијата, истакна дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест со цел да придонесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, поради што ќе продолжат да се реализираат вакви еколошки акции и во иднина.

Георгиевски упати и голема благодарност до општествено одговорните компании што  покажале грижа за екологијата преку донирање на овие садници.

Заштитата и унапредувањето на животната средина претставуваат еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа.