Македонските судски органи одамна ја изгубија довербата кај граѓаните, но во последниов период сè почесто со сличен став се огласуваат и странските амбасади и претставници, што само покажува дека реформите во правосудството не ги даваат посакуваните резултати.
Важно за регионалната и глобална безбедност е Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, изјави заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика, Спенсер Бојер, за Гласот на Америка на македонски. Во однос на тоа дали корупцијата во Македонија е закана за нејзината национална безбедност, Бојер истакна дека ставот на Пентагон е оти владеењето на правото и демократијата се важни за да има силни системи кои ќе бидат отпорни и ќе придонесат и за регионалната и за глобалната безбедност.
– Она што можам да го кажам од страната на Одделот за одбрана е дека го гледаме нашиот однос како расте и како вистинска основа за севкупните билатерални односи. Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно, вели Бојер.
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас беше последниот во низот на странски дипломатски претставници што се огласи во врска со непримерни влијанија врз судството. Според македонскиот претседател Стево Пендаровски, не се работи за мешање во внатрешните работи бидејќи легитимна обврска на секој амбасадор е да ги штити интересите и на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава.
-Го следам случајот од она што може да се види од медиумите. Чудни се коментарите дека тоа можеби е мешање во нашите внатрешни работи. Не станува збор за мешање во внатрешни работи. Станува збор за легитимна обврска на секоја амбасада. И нашите амбасадори кои се надвор и ја претставуваат нашава држава, имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, не само на институциите на државата која ја претставуваат, рече денеска Пендаровски.
Многу поразлична и жестока беше реакцијата на поранешниот премиер Зоран Заев, кој се споменува во отвореното писмо на амбасадорот Георг Вуцас, негирајќи било каква вмешаност во случајот и заканувајќи се дека ќе го тужи амбасадорот на Австрија доколку го спомне уште еднаш неговото име во обвинување без какви било докази и аргументи.
–Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да преземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот. Нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без какви било докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже каква и да е моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ќе го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија – се вели во реакцијата на Заев.
Повод за неговата реакција беше дописот на Австриската амбасада до медиумите во којшто го критикува македонското правосудство, барајќи да се разрешат судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија АММА ДОО Хоенемс и валандовската фирма Дена трејд за производство на корнишони. Австрискиот амбсасадор Вуцас во дописот отворено посочува дека сопственик на фирмата „Глобал трејд“ е Емилија Заева-Костова, братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев, која е сопруга на сопственикот на „Дена продукт“, Атанас Костов. Австриската фирма има меѓународна арбитражна одлука во своја корист, но не е реализирана пред македонските судови, а во меѓувреме имотот на тужената фирма се префрлал кон „Глобал трејд“. Амбасадорот Вуцас е зачуден како тоа може да се манипулира со катастарот и Централниот регистер и посочува како дури се организираат јавни наддавања за имотот кој треба да е замрзнат и го најавува скорешното наддавање што се организира за стакленик.
Од Основното јавно обвинителство Гевгелија, вчера, информираа дека откако австриската фирма АММА ДОО Хоенемс, на 23. 6. 2023 година поднела кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за несовесно работење во службата, фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат, пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител и веќе се преземаат дејствија.
Ова е само едно во низа на “вперување на прстот” на амбасадорите во македонскиот правосуден систем. Претходеше известување од амбасадата на САД во земјава, за тоа дека Стејт департментот го ставил струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа поради негова вмешаност во тешка корупција и влијание врз судските органи.
-За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудските и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници, стои во соопштението на СД.
Серијата амбасадорски критики за правосудниот систем ја започна холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, истакнувајќи го пропаѓањето на високо профилните случаи на поранешното специјално обвинителство и последните случувања во Судскиот совет кои, според него, го направија нелегитимно ова тело.
„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители. Гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго“, посочи амбасадорот Коп.
(И.С.)