Каталонскиот ракометен гигант Барселона е единствениот тим кој се уште нем пораз во групата Б од новата сезона во Лигата на шампионите. Барса ја забележа и петтата победа од исто толку натпревари во елитата, откако на гости кај амбициозниот Алборг славеше со убедливи 39:33 (19:19).

Данскиот тим, кој во Лигата на шампионите влезе со „вајлд-карта“ едно полувреме му парираше на големиот фаворит, но потоа шпанскиот тим презеде сè во свои раце, покажа моќ и се избори за заслужена победа.

-Одличен ракометен натпревар. Во првото полувреме бевме навистина рамноправни. Двата тима одиграа навистина добро, особено во нападите. Во средината на вториот дел имаше навистина важен момент за нас кога Емил Нилсен одбрани неколку зицери и тоа ја промени играта на нашата екипа, изјави тренерот на Барселона, Карлос Ортега.

Шпанскиот репрезентативец Гомез со единаесет гола беше убедливо најпрецизен на натпреварот. Кај Барса се истакна уште Дика Мем со осум, а за Алборг исто толку голови постигна Сандел.

По поразот од Веспрем, на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите, еден од кандидатите за трофејот во елитата, Пари Сен Жермен, ја запиша четвртата победа по ред, откако славеше во дуелот со Динамо Букурешт со 36:29.

Пранди со осум погодоци беше прв стрелец во таборот на „светците“,  а солиден беше и поранешниот вардарец Кристопанс со пет гола. За Динамо се истакна Акименко со седум гола.

ПИК Сегед конечно го „скрши мразот“ во елитата и до првата победа стигна дури во петтото коло. Од Унгарија со убедлив пораз си замина Елверум (30:23),  тим кој се уште нема победа воГрупата Б. Тонесен со седум и Роста со шест гола беа најпрецизни во таборот на Сегед, додека за норвешкиот шампион најпрецизен беше Бломгрен со пет погодоци.

Динамо Загреб и Висла Плоцк го поделија пленот – 26:26. Тимур Дибиров беше предводник на „плинарите“ и мечот го заврши со шест гола, а на спротивната страна седум постигна Серџо.