Албанија избори: До 15 часот гласале 15,5 отсто од вкупно запишаните граѓани

129

На денешните локални избори во Албанија, бојкотирани од опозицијата, до 15 часот правото на глас го оствариле 546.388 граѓани или 15,5 отсто од вкупно запишаните во единствениот избирачки список, јави дописничката на МИА од Тирана.

Портпаролката на ЦИК Дрилона Хоџај, на втората прес-конференција рече дека изборниот процес се одвива нормално.

– Највисок одѕив е забележан во Тирана, каде до 15 часот гласале 107.108 граѓани, потоа Фиер 30.440, Елбасан 27.466, Корча 13.500, Подградец 11.265 граѓани, рече Хоџај.

Таа повторно ги повика граѓаните да го остварат нивното граѓанско право, зашто, како што рече, изборите во демократија може и треба да произлезат единствено од дадениот глас.

До 11 часот одѕивот на гласачите беше 12 отсто.

Во единствениот избирачки список запишани се 3.464.328 лица со право на глас, но поради масовната миграција реалната бројка е многу помала.

Според пописот спроведен во октомври 2011 година, Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите се со престој во странство до една година.

Инаку, изборниот процес го набљудуваат 150 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР, 20 набљудувачи од американската амбасада и по четворица од италијанската и британската амбасада.

На повеќе изборни места изборниот тек го набљудуваа евроамбасадорот Луиџи Сореца, како и амбасадори на неколку странски дипломатски претставништва.