Ако фирмите не се регистрираат во рок од 15 дена, ќе им биде одземена стоката!

ДПИ ќе постапува по сите свои законски прописи и ќе има нула толеранција за секој што нема да се регистрира и ќе сака да ги изигра законите. Имаме скенирано голем број на нерегистрирани објекти и лица, до кои имаме повеќе упатени апели и дадени рокови да ја регистрираат својата дејност. Ако тие не го направат тоа во наредните 15 дена, ДПИ ќе почне да им ја одзема стоката, бидејќи нема друга опција, изјави за весникот ВЕЧЕР, Трајковски

1083

Ако нерегистрираните фирми не ја регистрираат својата дејност во рок од 15 дена, ќе им биде одземена стоката. Ова за весникот ВЕЧЕР го изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, кој смета дека мора да се стави крај на сивата економија, бидејќи срамота е во 21 век да се бориме со компании кои не плаќаа даноци и други давачки.

-Ќе вршиме зачестени контроли, бидејќи невозможно е во 2023 година да постојат нерегистрирани фирми. Ќе се вршат поригорозни контроли на терен и ќе се настојува бројот на нерегистрирани компании да се намали. ДПИ ќе постапува по сите свои законски прописи и ќе има нула толеранција за секој што нема да се регистрира и ќе сака да ги изигра законите. Имаме скенирано голем број на нерегистрирани објекти и лица, до кои имаме повеќе упатени апели и дадени рокови да ја регистрираат својата дејност. Ако истите не го направат тоа во наредните 15 дена, ДПИ ќе почне да им ја одзема стоката, бидејќи нема друга опција, изјави Трајковски.

Тој додава дека веќе немаат друга опција, бидејќи овие фирми доволно биле опоменети и следен чекор е казна. Но, со оглед на тоа дека казната за вршење на нерегистрирана дејност е многу мала и изнесува само 100 евра, односно 50 евра доколку ја плати во рок од 8 дена, директорот на Инспекторатот рече дека ќе почнат со одземање на стока.

-Мора сите заедно да градиме правичен систем во државата, а секој оној кој не сака да биде дел од тој систем ќе биде казнет. Срамота е во 21 век да се бориме со сива економија. Не е во ред спрема оние кои плаќаа даноци во државата, бидејќи на тој начин се создава нерамноправна конкуренција, вели Трајковски и додава дека ако овој проблем не се реши веднаш и оние кои се регистрирани ќе бидат демотивирани да плаќаат даноци и други давачки.

ДПИ спроведе голема акција и констатира голем број на нерегистрирани фирми во Арачиново, Чаир, Тетово, Гази Баба, Центар, Кисела Вода…

И директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, рече дека за десетина дена, а најмногу за две недели, ќе биде објавен ланец на компании од нафтената индустрија кои затајувале данок.

– За десетина дена ќе објавиме, работиме на специфичен ланец на компании кои се обиделе да го изиграат системот. Ние ќе ги споделиме сите факти, записници до надлежните компании, рече Лукаревска.

Таа не кажа дали станува збор за големи компании, но рече дека станува збор за дејност со трговија за горива и дека контролите и анализите ќе завршат во наредниот период.

Според Лукаревска, имало обид да се сокрие данок во сметководствената евиденција.

УЈП неодамна спроведе акција и утврди голем број на фирми во Арачиново кои не се регистрирани и кои не издавале фискални сметки.

(А.С.)