Ако одите со автомобил на море, понесете 30 евра само за патарина

Покрај сместувањето, кое ова лето е поскапено за 20 до 40 отсто во зависност од дестинацијата, зголемени се и цените на патарините за околу 20 отсто. Така, ова лето, освен поскап одмор, за гиро, за лежалки, ќе плаќаме и поскапи патарини на автопатиштата во Грција, Црна Гора, Хрватска, Албанија. Во Србија, од 1 април на сила е нов ценовник на патарините, кои се повисоки за 14 отсто. Возачите на патнички автомобили плаќаат и до 100 денари повеќе, но просекот на поскапување е 25 денари. Оние што патуваат на море во Хрватска вкупно ќе платат за патарина од 25 до 30 евра, а во Албанија се плаќа патарина од 5 евра на, засега, еден автопат

1486

Доколку патувате со автомобил на море, понесете повеќе пари во кеш со себе, бидејќи речиси сите земји во регионот ги поскапеа патарините. Покрај сместувањето, кое ова лето е поскапено за 20 до 40 отсто во зависност од дестинацијата, зголемени се и цените на патарините за околу 20 отсто. Така, ова лето, освен поскап одмор, за гиро, за лежалки, ќе плаќаме и поскапи патарини по автопатите во Грција, Црна Гора, Хрватска, Албанија.

Во Грција, на 500 метри од границата на граничниот премин Евзони е првата наплатна рампа на која патарината за моторни возила изнесува 1,80 евра во еден правец. На патот од Скопје до Атина, кој е долг 709 километри, има еден куп патарини за кои ви се потребни околу 33 евра. По автопатот до Лептокарија има четири патарини на кои се плаќа од 1,20 до 3,20 евра или вкупно 8,4 евра. До Солун, пак, има само една патарина, која чини 1,80 евра.

Овие суми треба да се помножат со два, зашто се плаќа на тие патарини и на враќање. За потсетување, оние што се враќаат од одмор треба да знаат дека треба да чуваат ситни евра за патарина за да не им се случи да им вратат „бакарни“ евроценти, кои дома не можат да ги употребат.

Во Црна Гора, се наплаќа патарина на две делници, и тоа на автопатиштата Ситница – Херцег Нови и Бар – Подгорица. За поминување преку тунелот Созине, потребно е да издвоите 2,5 евра, додека за патничките возила за патарина на делницата Мељине – Требиње се плаќаат три евра. Низ Црна Гора, минатата година беше пуштен 40 километри нов автопат и нова брза делница, која го олесни и го забрза патувањето, но наметна и дополнителни плаќања. Делницата Смоковац – Маташево, освен што го олесни, го направи патувањето и побезбедно, бидејќи оваа делница ја заменува „најцрната“ сообраќана точка во оваа држава – кањонот Морача.

Ако возите по автопатот „Милош Велики“ во Црна Гора, патарината на оваа брза делница, попоскапувањето, чини 260 денари, наместо 220, а возачите на оние возила што поседуваат ТАГ-уред за електронска наплата на патарините ќе платат 240 динари.

Во Србија, од 1 април на сила е нов ценовник на патарините, кои се повисоки за 14 отсто. Возачите на патнички автомобили плаќаат и до 100 денари повеќе, но просекот на поскапување е 25 денари.

Оние што патуваат на море во Хрватска вкупно ќе платат за патарина од 25 до 30 евра, а во Албанија се плаќа патарина од 5 евра на, засега, еден автопат.

Освен за патарини, понесете повеќе пари со себе, бидејќи може да ви снема гориво во резервоарот. Според податоците на GlobalPetrolPrices.com, бензинот е најевтин во Македонија, а најскап во Грција. И дизелот во Македонија е со пониски цени од оној во Грција и во Албанија.

Бензинот евро премиум БМБ 95 во Македонија чини 1,308 евра, во Бугарија 1.288 евра, во Босна и Херцеговина 1.322 евра, во Хрватска 1.450 евра, во Словенија 1.380 евра, во Србија 1.518 евра, во Црна Гора 1.490 евра, во Албанија 1.571 и во Грција 1.865 евра.

Цените на дизелот за литар во Македонија се: 1.121 евро, во Бугарија 1.236 евра, во Хрватска 1.440 евра, во Босна и Херцеговина 1.245 евра, во Црна Гора 1.340 евра, во Србија 1.578 евра, во Грција 1.556 евра, во Албанија 1.571 евро и во Италија 1.662 евра.

(А.С.)