Ако газдите не ги зголемат платите, нема помош од државата!

Газдите да ги зголемат платите на работници или нема помош од државата. Вака, дел од економските експерти ја коментираа мерката за помош на приватните компании, односно субвенционирањето на придонесите за зголемување на платите од 3.000 до 9.000 денари. - Апелирам до компаниите да им ги покачат платите на работниците и да ја искористат оваа помош од Владата. Во услови кога тешко се наоѓа работници на крајот се се сведува на задржување на вработените и подигнување на нивниот стандард, вели за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија

1508

Газдите да ги зголемат платите на работниците или нема помош од државата. Вака дел од економските експерти ја коментираа мерката за помош на приватните компании, односно субвенционирањето на придонесите за зголемување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Оваа мерка веќе еднаш беше во функција и беше прилично успешна, но во претходното законско решение имаше можност за зголемување на платите од 600 до 6.000 денари, а сега тој лимит е зголемен до 9.000 денари. Мерката ќе се применува од јануари 2024 година, следните 12 месеци, со тоа што зголемувањето на платите ќе се утврдува во однос на просечната плата на секој работник поединечно за периодот октомври – декември 2023 година. Работодавачот плаќа данок на личен доход, а се ослободува од плаќање на здравствено и пензиско осигурување за делот за зголемувањето за период од 12 месеци.

Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков за весникот ВЕЧЕР вели дека мерката е за пофалба и компаниите ако навистина сакаат да им ги покачат платите на работниците треба да ја искористат.

-Оваа мерка беше успешно спроведена во период од нешто повеќе од две години. Владата знае дека таа мерка беше широко искористена од компаниите, односно со неа беа опфатени преку 28.000 компании за околу 170.000 вработени кои добија покачување на платите. Ние како Бизнис конфедерација ја предложивме и истата ја користевме при покачување на платите на работниците. Затоа апелирам до компаниите да им ги покачат платите на работниците и да ја искористат оваа помош од Владата. Во услови кога тешко се наоѓа работници на крајот се се сведува на задржување на вработените и подигнување на нивниот стандард, вели Бошков.

Според него, нема простор за манипулација од страна на работодавачите, бидејќи се се врши преку електронскиот систем за пресметка на плати на Управата за јавни приходи.

И даночниот експерт Павле Гацов коментира дека мерката за субвенционирање на социјалните придонеси веќе еднаш беше во функција и беше прилично успешна. Тогашната мерка беше внимателно креирана и обезбедена од системски пропусти.

-Во функција на зголемување на платите за нето износ од 600 до 6.000 денари месечно по работник, државата ги покриваше социјалните придонеси за периодот октомври 2019 – септември 2022 година. Најавата за иста ваква мерка во рамките на владиниот пакет за помош на граѓаните и бизнисот ќе биде „ранлива“ доколку компаниите, потенцијални корисници имаат можност да влијаат врз исполнувањето на условите за субвенционирање на социјалните придонеси за делот на зголемени плати за износ од 3.000 до 9.000 денари, вели Гацов.

Според него постои можност за изигрување на мерката од страна на газдите. Имено со оглед дека платите за ноември и декември 2023 година не се исплатени, и дека според изјавата во медиумите, платите од последниот квартал ќе бидат репер од кој ќе се мерат условите за субвенционирање на придонесите за делот на зголемените плати, очекуваме во месеците ноември и декември 2023 година, кај заинтересираните компании да се случи намалување на платите на вработените за да се освои подобра позиција во однос на најавената мерка.

Со оглед дека мерката поттикнува зголемување на платите, тој вели дека важно е истата да се однесува на сите вработени, сите плати и сите компании, односно да не се лимитира само за оние со пониски плати.

За дел од економските експертите и професорите помошта што им се дава на приватните компании не е доволна, особено ако се има предвид економската ситуација во земјата и во регионот.

– Треба да се обрне повеќе внимание на приватниот сектор, односно да им се даде поголема финансиска помош поради нарушените економски текови, кои сериозно се одразија врз бизнисот – смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според економскиот аналитичар Синиша Пекевски ова се само поволни кредити, а не помош за компаниите. Најголема помош за компаниите е креирање стабилна економија и стабилни услови за работа. За професорот Абил Бауш, мерките за помош на компаниите немаат никаква логика. Тој смета дека најдобро е да им создадеме на приватните компании услови за поголема конкурентност, а не да им даваме директна помош.

Од Владата коментираат дека целта на оваа мерка е поддршката за зголемување на платите во приватниот сектор на достојно ниво. Оттаму појаснуваат дека мерката има цел намалување на даночната евазија и сивата економија, поддршка на приватниот сектор за исплата на повисоки плати.

(А.С.)