Ако ви се расипе компјутерот или фрижидерот три пати во текот на гаранцијата, мора да добиете нов

Со новиот Закон за заштита на потрошувачите кој стапи на сила минатата година, потрошувачот може да бара замена на производот доколку е поправен три пати во текот на гарантниот рок кога станува збор за различен дефект или два пати во рамките на гарантниот рок кога се работи за ист дефект. Така, на пример, ако два пати се расипе моторот на фрижидерот или електрониката, може да се бара замена на производот или враќање на парите, вели за весникот ВЕЧЕР Тамара Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи на Македонија

1444

Потрошувачот може да бара замена на производот или враќање на парите доколку производот е поправен три пати во текот на гарантниот рок. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека до нив често стигнуваат поплаки за дефекти на бела техника, компјутери, мобилни телефони… Оттаму велат дека чест е случајот производот да биде продаден со софтверска грешка, а продавачот да не сака да го замени.

– Со новиот Закон за заштита на потрошувачи кој стапи на сила минатата година, потрошувачот може да бара замена на производот доколку е поправен три пати во текот на гарантниот рок кога станува збор за различен дефект или два пати во рамките на гарантниот рок кога се работи за ист дефект. Така, на пример, ако два пати се расипе моторот на фрижидерот или електрониката, може да се бара замена на производот или враќање на парите – вели за весникот ВЕЧЕР Тамара Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа додава дека може да се вратат пари во случај ако трговецот нема соодветен производ за замена. Исто така, може да се вратат пари додека трае гарантниот рок, а потоа трговецот нема обврска ниту за замена на производот ниту за враќање на парите. Ова се однесува на сите технички производи за кои е издаден гарантен лист: бела техника, компјутери, мобилни телефони… Доколку се работи за физичко оштетување на производот, тоа не подлежи под гаранција.

– Откако е пријавен производот за поправка, рокот е 30 дена. Доколку сервисерот не го поправи производот во овој рок, потрошувачот има право да добие нов производ – додава таа.

Најголем дел од поплаките што пристигнуваат до ОПМ се однесуваат на проблемите со гаранцијата и со сервисирањето. Потрошувачите чекаат долго време производот да биде земен на сервис, производот не е поправен во законскиот рок од 30 дена, трговецот не сака да даде нов производ, иако се расипал три пати во рамките на гарантниот рок.

Од ОПМ велат дека чест е случајот потрошувачите да се жалат за фабрички недостаток на некој технички производ. Така, на пример, може да се случи да биде продаден компјутер или мобилен телефон со софтверска грешка, а продавачот да не сака да изврши замена.

Потрошувачите имаат право на замена на производите или враќање на парите додека трае гарантниот рок. Доколку производот се расипе трет пат по гарантниот рок, може да се поправи, но во тој случај поправката си ја плаќа потрошувачот. Трговецот или сервисерот е должен пет години од денот на производството да има резервни делови. Ова, како што појаснуваат од ОПМ, најчесто не се почитува од трговците, па потрошувачите многу често се принудени да набавуваат некои делови однадвор.

(А.С.)