Цените на јајцата пред Велигден ќе се покачат за 50 отсто, една табла ќе чини над 300 денари

Цените на јајцата веќе се покачија. Но, се очекува дополнително да се покачат пред Велигден, за 30 до 50 отсто, а потоа да се вратат на старата цена. Но, годинава, бидејќи има увоз на јајца од Србија, не се очекува да има толкаво зголемување на цените пред Велигден. Зголемувањето на цените на јајцата е оправдано, со оглед на тоа што годинава има зголемување на цените на храната, на суровината за производство, на амбалажата за пакување, адитивите, дезинфекциските средства... – изјави за весникот ВЕЧЕР Џемаил Даути, сопственик на „Даути комерц“

1326

Растат цените на јајцата. Вообичаено, како и секоја година пред Велигден, и годинава јајцата ќе поскапат. Познавачите на состојбите на пазарот велат дека поскапеле јајцата откако се одмрзнаа цените на прехранбените производи, а се очекува дополнително зголемување на цените пред велигденските празници, од 30 до 50 отсто. Така што се очекува табла јајца да биде над 300 денари, односно едно јајце да чини над 15 денари.

– Цените на јајцата веќе се покачија. Но, се очекува дополнително да се покачат пред Велигден, за 30 до 50 отсто, а потоа да се вратат на старата цена. Но, годинава, бидејќи има увоз на јајца од Србија, не се очекува да има толкаво зголемување на цените пред Велигден. Зголемувањето на цените на јајцата е оправдано со оглед на тоа дека годинава има зголемување на цените на храната, на суровината за производство, на амбалажата за пакување, адитивите, дезинфекционите средства… – изјави за весникот ВЕЧЕР Џемаил Даути, сопственик на „Даути комерц“.

Според него, се очекува табла јајца пред Велигден да биде над 300 денари, односно тие што сега се продаваат по 220 денари, да бидат 320 денари.

– Со оглед на тоа дека не се очекуваат некои мерки од Владата за замрзнување на цените, очекувано е цените на јајцата да се покачат. Не може во услови кога се покачени сите инпути, цената на јајцата да остане иста како лани. Се очекува компаниите да го почитуваат Законот за нефер трговски практики и тој да ги донесе очекуваните ефекти – додава Даути.

И приватните сопственици на живинарски фарми во државата велат дека трошоците за производство се зголемени, но не е во ред да има толкаво зголемување на цените на јајцата пред Велигден.

– Зголемени се трошоците, пред сè, во делото на транспортот, со високите цени на горивата, но во однос на храната, мислам дека тоа не е нешто драстично. Цената на пченицата, пченката и на јачменот е релативно стабилна и прифатлива за разлика од пред неколку години, кога цените постојано одеа нагоре, без некаква најава. Сметам дека цената на сите производи треба да биде фер и за производителите и за купувачите. Секој треба да биде задоволен за системот да функционира. Навиката да се поскапуваат производите пред големите празници е крајно неетичка, неморална, економски нефер… Бизнисот нема да порасне ако пет дена пред празниците прокнижите некој процент поголема заработка – вели Жарко Василевски, сопственик на „Наша фарма“.

Тој додава дека во неговата фарма, цената на јајцата не е променета веќе девет години, но со оглед на тоа дека се работи за еколошки јајца, цената е повисока од индустриските.

– Бидејќи кај нас станува збор за еколошко, отворено чување на кокошки, цената е реално повисока од индустриските јајца и цело време изнесува 20 денари за јајце. Со оглед на тоа дека станува збор за екопроизводство, каде што приносите се многу помали од индустриското, цените се повисоки, но за тоа, пак, имаме бесплатна достава за клиентите од Скопје. Како и изминатите години, и оваа година не планираме да ги покачиме цените. Единствена опасност е тоа што ќе немаме доволно количини да ги задоволиме потребите на сите што сакаат да купат домашни, селски јајца токму за Велигден – додава Василевски.

Ако една табла јајца лани чинела 250 денари, може да се очекува дека оваа година цената ќе биде повисока за најмалку 50 денари, во зависност од пазарните движења и од расположливоста на јајца на домашниот пазар. Но, оваа промена на цената, како што коментираат експертите, би била резултат не само на локалните економски услови туку и на глобалните трендови.

Инаку, и во светот, поради последиците од птичјиот грип, има значително намалување на кокошките несилки и на јајцата и сето тоа влијае врз зголемувањето на цената на јајцата во повеќе земји во светот.

(А.С.)