Временските осцилации ги полнат болничките ординации  

НАГЛА ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО И ПАД НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ ДИРЕКТЕН УДАР НА ЗДРАВЈЕТО

234

Ненадејните временски промени директно влијаат на здравјето на граѓаните, особено на хронично болните пациенти, оние што имаат проблеми со   кардиоваскуларните болести, висок крвен притисок и со болести на дишните патишта. Изминатиов период имавме нетипично високи температури за април, кои беа речиси летни, а деновиве, сведоци сме на дождови и заладување, и особено голем пад на температурите. Но, засега, според д-р Горѓи Карамановски, дежурен лекар во Брза помош, службите работат вообичаено и нема зголемен број на повици.   Тој информира дека во текот на вчерашниот ден регистрирале повеќе реакции и состојби  на граѓаните на јавни и на работни места. – При возење во автобус на ЈСП, му се слошило на возачот. Бевме повикани и го префрливме на понатамошна здравствена нега во болницата „8 Септември“. Исто така, им се слошило на неколку повозрасни лица додека пазарувале – вели д-р Карамановски за весникот ВЕЧЕР

 

 

Ненадејните временски промени директно влијаат на здравјето на граѓаните, особено на хронично болните пациенти, оние што имаат проблеми со   кардиоваскуларните болести, висок крвен притисок и со болести на дишните патишта. Изминатиов период имавме нетипично високи температури за април, кои беа речиси летни, а деновиве, сведоци сме на дождови и заладување, и особено голем пад на температурите. Токму овие состојби директно влијаат граѓаните да не се во состојба да се аклиматизираат.

Од Итната медицинска помош на Скопје велат дека и покрај овие промени, изминативе два дена нема зголемен број јавувања на нивниот дежурен телефон. Според д-р Горѓи Карамановски, дежурен лекар во Брза помош, службите работат вообичаено, засега добро е што не се одразуваат промените драматично на здравјето на граѓаните.

– Во текот на денот, регистриравме повеќе реакции и состојби на граѓаните на јавните места и на работните места. При возење во автобус на ЈСП, му се слошило на возачот. Бевме повикани и го префрливме на понатамошна здравствена нега во болницата „8 Септември“. Исто така, им се слошило на неколку повозрасни лица додека пазарувале – вели за весникот ВЕЧЕР д-р Карамановски и посочува дека по промената на времето, утрата се студени, а тоа им влијае на граѓаните. Затоа им препорачува, ако немаат потреба, да не излегуваат во раните утрински часови.

Тој апелира кон повозрасната популација, која најчесто има и некое хронично заболување, за секоја тегоба што ќе ја почувствуваат, да се консултираат со својот избран лекар. Препорачува особено да не се земаат лекови на своја рака, од домашната аптека.      

Според него, покрај срцевите пациенти, со наглото заладување, тегоби чувствуваат и дијабетичарите. Мигренозните главоболки и синусните болки, исто така, се поизразени кога е постудено времето, како и почестите нарушувања во работата на имунолошкиот систем и склоноста кон настинки и инфекции.

– Граѓаните се жалат и на мачнини, на нагони на повраќање, физичка слабост и премаленост. Влагата, заедно со промените во притисокот, може да доведе и до болки во коските и во зглобовите – велат од Брза помош.

При промена на времето, особено при силни ветрови, во атмосферата се создаваат повеќе позитивни јони, кои негативно влијаат на телото. Најчесто симптомите се појавуваат од 24 до 48 часа пред промената на времето, а може да се манифестираат околу ден или два. Во пораст се и алергиите, бидејќи ветрот го зголеми нивото на концентрацијата на полен во воздухот. Во аптеките, деновиве најбарани се лековите за алергиски реакции.

(В.Ма.)