Бразилскиот интернационалец од редовите на Манчестер Јунајтед, Антони, беше под тешки критики во изминатите неколку дена. Да потсетиме, второлигашот Ковентри Сити минатата недела го измачуваше Јунајтед и го донесе до пенал рулетот во полуфиналето на ФА Купот. Регуларниот дел од натпреварот заврши 3:3, а ист резултатот беше и по продолженијата. Антони не беше меѓу петте играчи на Јунајтед кои шутираа од белата точка, но по натпреварот ги шокираше сите.
Крилниот напаѓач толку жестоко прослави што се сврте кон играчите на Ковентри и ги затвори ушите за дополнително да ги испровоцира. Од друга страна, Хари Мегваер од Јунајтед отиде да се ракува со сите противнички играчи.
Таквото однесување на Бразилецот ни малку не му се допадна на легендарниот холандски фудбалер, Весли Санјдер.
„Антони треба да се срами од себе поради тоа што го направи. Требаше да го напушти теренот. Се надевам дека Манчестер Јунајтед загуби со 5-0 во финалето од Манчестер Сити“.
Прославата на Антони ја критикуваше и поранешниот репрезентативен колега на Снајдер, Калид Буларуж: „Тоа што го направи Антони е патетично. тој самиот треба да се засрами“.
Антони пристигна во Манчестер Јунајтед од Ајакс за 95 мил. евра во летото 2022 година, но се уште ја нема оправдано вложената инвестиција во него. На 78 натпревари постигна десет гола и пет пати асистираше за Јунајтед, а често со своето однесување ги нервира навивачите. Јунајтед во финалето на ФА Купот ќе игра против бранителот на титулата Манчестер Сити.