Со воз од Скопје до аеродромот во Петровец

488

Македонското Министерство за транспорт и врски, според најавите, кон крајот на август или почетокот на септември треба да потпише меморандум за соработка со српското Министерство за транспорт, со цел нашата држава да се вклучи во проектот за изградба на брзата пруга од Будимпешта, преку Белград и Ниш, до Скопје. Текстот на меморандумот е веќе поминат и одобрен од македонската Влада.

Планот е Македонија да се поврзе на пругата од линијата од Прешево, односно од граничниот премин Табановце до железничката станица во Скопје, а, исто така, треба да добие железнички крак до аеродромот во Петровец. Патниците ќе имаат можност директно да се симнат и на новата железничка станица што ќе биде изградена кај аеродромот во Петровец.

Во март годинава, министрите за транспорт на Србија и на Унгарија потпишаа меморандум и ги поканија колегите од Бугарија, Албанија, Грција и од Турција да ѝ се приклучат на изградбата на брзата железница, која би го поврзала северниот дел од регионот со турскиот и со грчкиот брег за патнички и за каргосообраќај. Брзата пруга од Белград треба да продолжи во три правци, преку Бугарија во правец кон Турција и преку Македонија во насока кон Грција, односно кон Албанија.

(С.Бл.)