Со минирање кај селото Дебреште, „Бехтел и Енка“ и вистински ќе почне со изградба на автопатиштата

347

По двете свечени започувања на изградба на коридорите 8 и 10-д, од септември се најавува трет, овој пат вистински почеток на градење на автопатиштата од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Двата настана претходно, кај Тетово и кај Прилеп, беа со свечен карактер и со започнување на подготвителните работи.

Овој пат, како што се дознава, вистинските работи ќе почнат со минирање кај прилепско Дебреште, со што ќе стартува изградбата на единствената делница на коридорот 10-д, а тоа е автопатот Прилеп – Битола.

Досега, ЈП за државни патишта му има префрлено на изведувачот 167 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски сè уште се чека одобрението за да започне постапката за обесштетување на граѓаните низ чие земјиште ќе поминуваат делниците што треба да бидат изградени.

Од сите траси, единствената што сè уште нема краен лик е Струга – Ќафасан, бидејќи, според информациите на телевизија „24“, се размислува границата на Македонија со Албанија да биде поврзана со тунел, а преминот да биде на една од двете страни. Со тоа, би се избегнало и моменталното решение, патот да минува до Охридското Езеро, но и би се зголемила сумата за изградба, бидејќи половина од товарот за тунелот ќе падне на товар на Македонија.