Слаб одѕив за попис кај печалбарите – немаат време, не се информирани или бојкотираат?!

Според информациите до 8 часот, утрово, преку интернет апликацијата се евидентирани 64.176 лица од дијаспората, бројка која, според министерот Османи, е помала од очекуваната. Најмногу лица се самопопишале во Швајцарија, околу 16.000, а тоа е една четвртина од очекуваната бројка. Потоа следуваат Германија со околу 10 илјади и Италија со шест илјади попишани лица. Послаби се резултатите во Канада и во Австралија.  Министерот Османи вели дека нема информација ниту од ДКП-ата, ниту од личните контакти дека некој активно бојкотира или активно дава отпор за попишување, но не може тоа да го исклучи.

68

Неинформираност, а не бојкот на пописот е најголемата причина за малиот одѕив за онлајн попишувањето на дијаспората. Министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека нема информација ниту од ДКП-ата, ниту од личните контакти дека некој активно бојкотира или активно дава отпор за попишување, но не може тоа да го исклучи, бидејќи не можат сите лично да ги контактираат за да го знаат нивното мислење.

-Најважно е да стигне информацијата до сите нив, зашто не сите ја знаат информацијата и важноста за сите. За првпат ќе имаме точни бројки за нашите граѓани во светот и ќе можеме да ги димензионираме услугите и да направиме политики за да го поттикнеме нивното враќање назад, односно да го спречиме нивното заминување од земјава, изјави Османи. Тој додаде дека активно се работи на промоција и дисеминација на овој процес, а работната група на МНР е во постојано заседавање и ја следи работата на ДКП и телефонските линии се постојано отворени и се користат активно.

-Нашите амбасади и конзуларни претставништва интензивно работат со здруженијата на граѓани, асоцијации и верски здруженија. Целата мрежа е ставена во фокусот на овој процес, како нивни прв приоритет, изјави Османи.

Според информациите до 8 часот, утрово, преку интернет апликацијата се евидентирани 64.176 лица од дијаспората, бројка која, според Османи, е помала од очекуваната. Најмногу лица се самопопишале во Швајцарија, околу 16.000, а тоа е една четвртина од очекуваната бројка. Потоа следуваат Германија со околу 10 илјади и Италија со шест илјади попишани лица. Послаби се резултатите во Канада и во Австралија.

-Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора, изјави Османи.

За проблемите со онлајн пописот реагираа дел од здруженијата на печалбари, особено за одредени точки во образецот. како проблем го посочуваат немањето превод на албански јазик во графата за мајчин јазик, националност, верска припадност и поврзаност со платформата, а друг проблем според Здружението „Илирија“ во Шфајнфурт – Германија е и регистрацијата на имотот што го поседуваат во земјава. Османи појасни дека најголем дел од проблемот бил што печалбарите на местото каде треба да се произнесат дека се граѓани на државава, тие ја пишувале државата во која престојуваат.

Инаку, денеска заврши попишувањето на нашите дипломати и членови на конзуларни претставништва, а попишувањето на дијаспората ќе трае до 22 април. Османи не сакаше да дава оценки за успешност или неуспешност на самопопишувањето, бидејќи вели сега сме на половина од процесот, односно има уште 35 дена за попишување и повика на проактивност од целото општество, вклучувајќи ги и медиумите и невладините организации за информацијата за пописот да стигне до што повеќе припадници на дијаспората.

Националниот Блок „Не отворам врата“ обвинува дека иако власта се фали дека ќе спроведе безбеден попис со заштитни протоколи, доживува според нив, целосен пораз и покажува дека нема институционален капацитет да се справи со здравствената криза. (E.A.)