Рускиот весник Новаја Газета тврди дека претрпел „хемиски напад“

93

Рускиот истражувачки весник „Новаја Газета“ денеска соопшти дека на влезот од редакцијата на весникот во Москва е истурена непозната хемиска супстанца.

– Утрово беше извршен хемиски напад врз зградата каде што се наоѓа нашата редакција. Не можеме да се движиме меѓу катови или да излегуваме на улица, изјави главниот уредник Дмитриј Муратов, додавајќи дека супстанцијата ја анализирала полицијата и службата за безбедност ФСБ.

Тој додаде дека се евакуирани алергичните лица, и оти редакцијата работи.

Инцидентот се случи денеска кога три невладини организации поднесоа тужба против наводните платеници на организацијата „Вагнер“ за убиство на Сириец во 2017 година, што Новаја Газета го откри во 2019 година.

Весникот денеска објави истрага за делата извршени во руската република Чеченија.

Основан во 1993 година, Новаја Газаета редовно е предмет на заплашување, напади и убиства. Најпозната е новинарката Ана Политовскаја која беше експерт за конфликтот во Чеченија, а беше убиена со огнено оружје во 2006 година.

Во последниве години, весникот објави неколку истраги за активностите на групи руски платеници или прогон на сексуални малцинства во Чеченија.

Во 2018 годинакако закана, во редакцијата беа испратени отсечена глава на коза и венец со цвеќиња.