Сите ми честитавте нов живот, а операцијата ја пропуштив, нека престане оваа тортура!

254

Скопјанката Снежана Караџовска, која пред три години ги загуби двете нозе, во сообраќајна несреќа, е разочарана и гневна на премиерот Зоран Заев, на министерот за здравство Венко Филипче и на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, што ù ветиле дека државата ќе ù плати за операција во Холандија каде што треба(ше) да ù вградат протези. Таа преку својот фејсбук-профил им се обрати на тројцата потсетувајќи ги дека ù честитале за новиот живот по несреќата и ù дале ветување кое не било реализирано и исполнето.

– Не им верував, не затоа што сум песимист, туку затоа што до сега неколку пати ветија, но ништо, баш ништо не исполнија, а со тоа ја загубија довербата. Затоа овој пат барав гаранции од вас и молев да не го испуштам и овој термин. Министерот дури ми рече и да се јавам во Холандија да спремаат нова фактура. Јас по пеетти пат ја презакажав операцијата и му напишав на докторот дека обезбедени се средства и имам голема поддшка од владата. Поради неажурноста на институциите и овој термин го испуштив – напиша Караџовска за чија голгота пишувавме во весникот „Вечер“.

Таа прашува дали пациент со приоритет треба да чека три години.

– Ми беше речено дека и вие ми честитате. Ако е тоа вистина како што ми пишуваше цело време господинот Спасе Додевски, ве молам да престане оваа тортура врз мене и нови преговори. Ве молам, почитуван премиер Зоран Заев, да го исполните ветувањето, да ми се овозможат што е можно побргу средствата за лекување во странство, а со тоа и правото да можам сама да се грижам за себе – вели Караџовска.