Премиера на претстава за деца и младинци по 25 години во Битолскиот театар

175

Народниот театар – Битола, по 25-годишна апстиненција на матичната сцена, премиерно ќе изведе театарска претстава за деца и младинци.

Станува збор за претставата „Си беше еднаш во иднината“ чиј автор е Сашо Кокаланов, а режисер Срѓан Јаниќијевиќ, и премиерно ќе се одигра на 6 декември.

Во неа ќе настапат актерите Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Никола Стефанов, Филип Мирчевски и Елена Моше.

„Претставата е возбудлива за децата, но е и за ‘воспитување’ на родителите. Вознемирува затоа што потсетува на времето кога децата по цел ден беа надвор од домот играа детски игри, а сега не излегуваат од дома и се пред компјутер затоа што возрасните им ги исекоа дрвјата, ги уништија игралиштата и направија паркиралишта. Оваа претстава е од жанрот есеј комедија, храбар проект кој треба да се погледне“, порача режисерот Јаниќијевиќ.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, потсети дека последната театарска претстава за деца „Пинокио“ била одиграна пред 25 години.