Општина Аеродром неофицијално ги прифатила барањата на граѓаните, се намалува бројот и катноста на станбени објекти во Лисиче

3116

Значително намалување на бројот на станбени објекти и намалување на катноста на објектите кои остануваат, предвидува новата верзија на деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, за кој Општина Аеродром веќе објави повик за спроведување на јавна анкета.

Општина Аеродром неофицијално ги прифатила најголемиот дел од барањата на граѓаните кои бараа измена на првичната верзија на деталниот урбанистички план и изработка на нова верзија која ќе биде согласно нивните барања.

– Општина Аеродром ги разгледа и прифати најголемиот дел од барањата на граѓаните. Се очекува проектантската компанија да изработи нова верзија во која ќе бидат внесени голем дел од барањата на граѓаните. Решавање на клучните проблеми на граѓаните е наш најважен приоритет – стои во една од последните објави кој општината ги објави на својата фејсбук-страница.

Освен прифаќање на барањата за намалување на бројот на објекти и нивната катност, неофицијално новиот ДУП, предвидува и решавање на проблемот со легализација на повеќе од стотина индивидуални домови.

Од општината не ги коментираат овие информации, само велат дека во следните денови ќе oдржат и средба со медиумите на која ќе бидат презентирани направените измени.