Корубин на изложбата „Визуелна артикулација“ во Чифте амам на публиката ѝ се претстави со 13 дела, слики на платно во голем формат, како и со минијатурни графики – артокенс за кои допрва ќе се пишува, бидејќи самиот тој е иноватор на овој стил

 

Во Чифте амам, вчеравечер во рамките на манифестацијата “Скопско лето 2023“, се отвори изложбата на уметникот Михаил Корубин насловена „Визуелна Артикулација“ која предизвика голем интерес кај присутните. Корубин на публиката и се претстави со големи платна кои ги насликал годинава, како и со минијатурни графики артокенс за кои допрва ќе се пишува, бидејќи самиот тој е иноватор на овој стил.

“На оваа изложба се претставени 13 мои дела, слики масло на платно во голем формат, како и артокенс, еден нов знаковен јазик кој допрва ќе се развива“, посочи Михаил Корубин.

Во однос на инспирацијата тој истакнува дека секогаш ќе се појави некој лик што ќе го инспирира.

Директорката на национална галерија Чифте амам, Дита Старова Ќерими, пак, додаде дека она што ја заинтригирало е иновативноста во неговата уметност.

“Како што и претците на Михаил Корубин биле современици во поставувањето на основите во македонското сликарство, има нешто значајно што ми го привлече вниманието кон неговите дела. Тоа е еден нов правец артокенс кој кога ми го кажа Михаил малку се изненадив. Станува збор за еден изум кој што самиот уметник го има воспоставено, така што можам да кажам и како уметник дека секогаш треба да бараме нешто по што ќе бидеме препознаени. По своите иновации, по своите дела“, истакна Старова -Ќерими.

Ова не е прва изложба на Михаил Корубин. Тој е претставуван со успешни изложби и во државата и надвор од границите на државата.

 

 

“Поминувајќи покрај уметничките дела на Михаил Корубин, почнуваме да шунтираме низ специфичен свет на мега портрети, познати, непознати, имагинативни. Нивната монументалност се наметнува како доминантна парадигма која ја поставува основната сензација помеѓу примателот и уметничкото дело. Гледачот станува интерактивен ентитет во неговата/нејзината индивидуална перцепција на изложеното лице. Освен впечатливоста, портретите проповедаат и со нивната стилска реализација која е директно поврзана со умешноста на Михаил Корубин да создава динамичен израз во боја… Во неговите дела се случува некое замрзнато дејствие, на некои можеме да идентификуваме, што е дејство на главните актери (музичарите), а кај другите (бидејќи се во имагинарни и недефинирани области) можеме само да го претпоставиме во согласност со нашите индивидуално чувство (тага, бес, резигнација, прашања, страв, плач итн.)“, посочува кустосот Ана Франговска.

Инаку, Михаил Корубин е роден во Скопје во 1986 година. Тој е третата генерација визуелни уметници во неговото семејство. Михаил е син на еминентниот македонски сликар Рубенс Корубин и внук на Миле Корубин, македонски сликар и педагог. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, а магистрирал сликарство на истиот факултет во класата на проф. Благоја Маневски. Тој е творец на правец на уметнички геометриски симболи кои ги има наречено „Артокенс“.

Се работи за кованица од два збора “Арт” и “токен” кои што на кратко би значеле уметнички симболи. Артокените се артистичка репрезентација на одредени и одбрани зборови кои означуваат чувства, емоции, карактери, природни појави итн. Секогаш создадени и оформени од скоро совршени едноставни геометриски форми, како круг, триаголник, квадрат и слично.

За посетителите изложбата ќе биде отворена до 9 јули.  (Д.Т.)