Околу 2.000 даночни спорови, вредни 10,5 милијарди евра, чекаат да се решат

Анализите велат дека само во рамките на Европската Унија постојат околу 2.000 даночни спорови поврзани со примена на договорите и меѓународните конвенции за избегнување на двојно оданочување, кои се со вредност од околу 10,5 милијарди евра

135

Македонија има склучено 48 договори за избегнување на двојно оданочување, од кои половината се со земји членки на Европската Унија, па оттаму, а соодветно на нашиот кандидатски статус за членство во Унијата, нашата регулатива мора да се приспособи во конкретниот сегмент со барањата кои произлегуваат од Директивата за механизмите за решавање на даночните спорови во Европската Унија (ЕУ) 2017/1852.
Анализите велат дека само во рамките на Европската Унија постојат околу 2.000 даночни спорови поврзани со примена на договорите и меѓународните конвенции за избегнување на двојно оданочување, кои се со вредност од околу 10,5 милијарди евра. Со цел надминување на ваквите состојби, во рамките на Европската Унија се предвиде нов механизам за решавање на даночните спорови во врска со толкувањето и примената на билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување, кој треба да обезбеди правна сигурност и праведни даночни системи во Унијата.
Токму за овие намени од почетокот на јули оваа година стапи на сила Директивата за механизмите за решавање на даночните спорови во Европската унија. Токму на овој начин се утврдуваат правата и обврските на обврзниците и државите членки во случај на настанување даночен спор во врска со двојно оданочување на приходот и капиталот.
Во иднина, како што велат од Стопанската комора на Македонија, во случај на примена на новиот механизам за решавање на даночните спорови во врска со толкувањето и примената на билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување ќе се зголеми правната сигурност на македонските фирми кои остваруваат приходи од доход и капитал во рамки на Европската Унија.
Според Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора, вообичаени начини за елиминирање на непожелните ефекти на меѓународното двојно оданочување, покрај унилатералните мерки кои се инкорпорирани во националните законодавства се и билатералните и мултилатералните спогодби и договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот и капиталот. Сепак, и во услови на постоење на вакви меѓународни договори, во некои домени во пракса се јавуваат спорови помеѓу различните даночни јуриздикции.
Различното толкување од страна на различни држави на одредбите од договорите и конвенциите за избегнување на двојно оданочување создаваат сериозни даночни препреки за претпријатијата кои работат надвор од границите на сопствената држава, а последиците од истото се прекумерно даночно оптоварување и негативни импликации врз меѓународната трговија.
Новиот механизам предвидува право на даночните обврзници кои се соочуваат со даночни спорови кои произлегуваат од нивната меѓународна активност во рамки на ЕУ да покренат постапка за спогодбено решавање на спорот со земјите членки. Доколку спорот не се реши спогодбено во рамки на предвидениот период од две години, даночниот обврзник може да побара формирање на Советодавна комисија за алтернативно решавање на спорови составена од три независни членови именувани од засегнатите земји членки и претставници на соодветните надлежни органи.
Оваа комисија мора да го реши спорот и да одлучи во рок од шест месеци, со донесување на одлука која е извршна и која засегнатата земја членка мора да ја спроведе.