Неготино има јаглен, ама лозари не сакаат да бидат рудари 

290

Неготино има јаглен, ама лозари не сакаат да бидат рудари, коментираат од регионалното Здружение на граѓани ,,Ековита”, во време на енергетска криза и кога станува актуелно и наоѓалиштето на јаглен во неготинско.

Дури и во време на енергетска криза како сега, екологистите од Здружението  од Неготино, сметаат дека предност треба да му се даде на природниот гас кој е еколошки, пред јагленот кој ја загадува околината. И да се бараат алтернативни незагадувачки извори на енергија.

 

– Според податоците со кои располагаме како регионално здружение за заштита на животната средина, развиените земји во светот се обврзаа да престанат да го користат јагленот до 2025 година, со цел да се поттикнат инвестициите во обновлива енергија и енергетска ефикасност на објектите. Евентуалното ископување на јаглен во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во државата, би значело, меѓу другото и крај за лозаровинарството. А вложуваме толку многу напори во промоција на македонското вино и развој на винските патишта, дециден беше Сашко Тодоров, дипломиран инжинер биолог и претседател на ,,Ековита”, во изјава за МИА.

Тој потсети дека месноста Тимјаничка Цуцка кај Неготино крие  јаглен, но беше дециден дека неговата евентуална експлоатација не оди во прилог на животната средина. Како биолог рече дека знае оти резервите на јаглен настанале при сушењето на некогашното Тиквешко Езеро, на чие место подоцна настанала Тиквешката котлина. Тие се протегаат  кон селата Дисан, Тремник и Тимјаник, а од едната страна и кон градот Неготино.

Наоѓалиштата на јаглен не им се непознати на локалните жители, потврди Тодоров. Во минатото кавадарчани и неготинци се грееле на ќумур.

– Топлината од ќумурот беше толку силна што гореа тенките ќумбиња, раскажуваат дел од тиквешани со кои разговараше МИА на оваа тема.

Тие рекоа дека и сега некои вадат јаглен, особено од местата од кои пороите ја однеле земјата, а ќумурот излегол на површина.

МИА