Поранешниот тренер на веќе пензионираниот тенисер, Швајцарецот Роже Федерер, Хрватот Иван Љубичиќ, смета дека бројот на освоени грен-слем трофеи не треба да биде пресудно во трка за титулата кој е најдобар тенисер на сите времиња.

Хрватот смета дека прашањето за тоа кој е најдобар тенисер на сите времиња не е поврзано со бројот на титулите. Имено, според него, поважна е популарноста и влијанието на спортистот во спортот, за разлика од постигнатите резултати.

-Мислам дека не треба да се гледа исклучиво низ призмата на освоени грен-слем титули. Роже повеќе не е најуспешен по тоа прашање. Меѓутоа, големината и успешноста не се идентични поими. Ако се, тогаш Роже нема да биде најдобар на сите времиња. Доколку се гледа влијанието на спортот, тогаш мислам дека Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ не можат да се споредат со Федерер. Роже тука е неприкосновен, смета Љубичиќ.

Изјавата на поранешниот хрватски тенисер ќе предизвика многу реакции во тениската јавност. Но, ако денеска се подвлече линија, трката за најдобар тенисер на сите времиња меѓу Ѓоковиќ, Надал и Федерер, би ја добил Србинот.

Ѓоковиќ има освоено 22 грен-слем титули, исто како и Надал, додека Федерер се пензионираше само со 20 титули од големите натпреварувања.

Србинот е апсолутен рекордер по бројот на недели поминати на АТП-листата, дури 380 и по повеќе параметри е во предност во однос на своите најголеми ривали.