Светскиот тениски рекет број два Шпанецот Рафаел Надал, зборуваше за дисквалификацијата на Новак Ѓоковиќ на САД Опен. Шпанецот, кој има освоено 19. грен слем титули првпат ја искоментира дисквалификацијата на Србинопт од турнирот во Њујорк.

-Имаше страшен пех и искрено ми е многу жал. Му се укажа одлична можност да дојде до уште една грен слем титула. Знаеме дека такви работи не треба да се прават, но несреќи се случуваат, изјави 34 – годишниот Шпанец.

Надал одлучи од безбедносни причини да не игра на турнирот во Њујорк. Остана во Шпанија, каде се подготвуваше за сезоната на земја. Турнирот во Рим ,кој се одржува оваа недела ќе му биде прво натпреварување по скоро седум месеци пауза поради коронавирусот. Во првото коло е слободен, а во второто го чека сонародникот Пабло Карењо Бутиста, кој во Њујорк стигна до полуфиналето каде во пет сета загуби од Германецот Александар Зверев.

-Се чувствувам одлично, но морам да признаам дека сум малку нервозен, бидејќи се немам натпреварувано долго време. Карењо во Европа допатува по одличен турнир одигран во Њујорк. Сигурно нема да му биде лесно веднаш да се прилагоди на земја. Очекувам тежок меч. Тоа ќе биде добат тест за мене, да видам како навистина се чувствувам на теренот, изјави Надал.

Шпанецот ја брани титулата во Рим освоена минатата година. Тој досега во комплексот „Форо Италико“девет пати го подигнуваше победничкиот пехар.