„Многу пијам, малку спијам, пушам цигара за цигара. Поради тоа сум 200 насто во форма. Никогаш не сум стоел таму каде можам да седнам и никогаш не сум седел каде можам да легнам“, своевремено ја има поделено својата тајна за долговечност Винстон Черчил, кој живееше 90 години.

Неколку децении подоцна, од другата страна на Атлантикот, Черчил доби наследник. Доналд Трамп не сака спорт, многу работи, малку спие. За разлика од претходните претседатели на САД, Трамп никогаш не водел сметка за правилна исхрана и не се одрекува од сокови и хамбургер. Додека другите лидери грицкаат ореви, овошје и зеленчук, Трамп јаде чипс или колачиња.

Во Белата куќа Трамп вечера парче црвено месо, по можност што помалку зеленчук, а доколку се одлучи за салата, тогаш тоа е „коб“ со рокфор, сирење и сланина. Покрај тоа, пие во неограничени количества диетална кока кола, но од друга страна пак, прилично е рамнодушен кон алкохолот.Истото се однесува и за фитнесот. „Понекогаш – што поретко, тоа подобро“, го опишува американскиот претседател својот распоред на тренирање.

Единствен исклучок Трамп прави кога станува збор за голф, но ни тука многу не се напрега – во текот на играта по теренот не оди пешки, туку со возилата за голф.

 

 

Во книгата „Размислувај како милијардер“ тој објаснува – за да постигнете успех, морате да работите цела недела, без празници и викенди. И помалку спијте. Тој тврди дека нему му е доволно 3-4 часа сон. Поранешните соработници на Трамп велеле дека пораки од него им пристигнувале и доцна навечер и рано наутро. Според зборовите на Мајкл Д’Антонио, биографот на американскиот лидер, Трамп е убеден дека ќе живее долго, благодарение на добрата генетика – неговиот татко почина на 93 години.

Тројцата претходни американски претседатели водеа сметка за исхраната и се занимаваа со спорт. Љубителот на тенис, Бил Клинтон во 2010. година стана веган. Ако се земе предвид дека е роден во Арканзас, каде што никој не може да го замисли животот без скара, тоа за него беше сериозен чекор. Појадуваше смути со зрнесто овошје, ручаше зелена салата со грав, за ужина јадеше ораси, хумис или свежо овошје, а вечераше киноа. Само за празници консумираше вегетаријански хамбургер или кајгана од јајца. Преминувајќи на таков начин на исхрана, претседателот долго не чекаше резултати – ослабна 13 килограми. „Полн сум со енергија! Одлично се чувствувам“, изјавуваше овој поранешен претседател. Џорџ Буш Јуниор, кој стана претседател по Клинтон, во младоста водеше голема борба со алкохолизмот. Сакаше да вози „маунтин бајк“, со кој преминуваше и по десетици километри. Тврдеше дека тоа е најдобар начин за раздвижување и за бистрење на мислите.

 

 

Барак Обама со часови играше голф, секој викенд. Трамп го критикуваше, велејќи дека премногу време му посветува на голфот. Обама цел живот се занимава со спорт. Во младоста повеќе го сакал фудбалот од кошарката. Патем, посебно за него, во Белата куќа тениски терен е претворен во кошаркарски. Кога се пресели во службената резиденција, престана да пуши и повеќе не нарачуваше храна од ресторани. Неговата сопруга, Мишел, тврдеше дека претседателот води сметка за исхраната. На пример, кога ќе се разбуди тој не пие кафе, туку јаде бадеми. Покрај тоа, редовно ја посетуваше теретаната.

Путин за појадок јаде каша, несолена урда со мед и пие живи јајца од потполошка.

Новинарите од телевизискиот канал НТВ во 2012 година открија дека Путин сака да пие и сок од рен и цвекло. Неколку години подоцна рускиот лидер им раскажа на новинарите дека сака ориз и хељда, но не и овесна каша.

„Не можам многу време да посветам на исхраната“, рече тој. „Сакам зеленчук: домат, краставица, зелена салата. Наутро сакам да каснам каша, несолена урда и мед. Ако можам да избирам помеѓу месо и риба, би избрал риба, но сакам јагнешко“, изјави Путин и додаде дека не е човек кој сака слатко, иако од време на време каснува сладолед.

„Кога сум на пат сакам да пробам домашна храна. Навикнат сум на зелен чај… Обично не вечерам, немам време за тоа. Попладне се трудам да јадам овошје и да испијам кефир кога можам, а кога не можам, поарно не би јадел ништо“, вели Путин и додава дека е рамнодушен кон алкохолот.

Еве уште неколку докази за цврстината на Путин. Тој претпочита да ги поминува кратките одмори многу активно: на пример, во сибирската тајга, каде лови риба во планинско езеро со харпун, да се пече на сонце, да патува по планински реки и брзаци на моторни чамци и рафтинг-чамци, да оди на излети во планина и да вози мотор со четири тркала.

Тој исто така тренира хокеј, сака скијање, па дури и јава коњ. И да не заборавиме дека Владимир Путин е мајстор по џудо и самбо; неколку пати тој станал шампион на Ленинград. Има и црн појас за карате, џудо и теквондо!