Крвава свадба: Бомбаш самоубиец во Кабул усмрти најмалку 63 гости

108

Најмалку 63 лица загинаа, а 182 се ранети  во напад на бомбаш-самоубиец што се случи во саботата на свадбена церемонија во Кабул, во делот на градот каде претежно живејат шиитски муслимани, соопшти авганистанското Министерство за внатрешни работи.

Во нападот кој беше извршен во 22:40 часот по локално време, напаѓачот, експлозивната направа која ја носел со себе ја активирал во ресторан, близу музичкиот бенд, место каде што имало собрано повеќе луѓе кои биле гости на свадбата, меѓу кои и деца. Роднините на младоженецот велат дека на свадбата биле поканети над илјада гости. „ Јас бев во другата просторија со зетот кога слушнавме експлозија, сите лежеа наоколу, беше страшна глетка, не можев да најдам никого“, изјави еден од преживеаните.

Нападот се случи во време кога талибанците и САД преговараат за договор со кој се предвидува повлекување на американските сили од Авганистан, додека за возврат талибанците треба да им се посветат на мировните преговори со владата во Кабул.

Талибанците негираа дека се одговорни за експлозијата во шиитското предградие во западен Кабул, меѓутоа авганистанскиот претседател Аграф Гани рече дека, и покрај негирањето на одговорност на талибанците, тие сепак носат дел од вината бидејќи доаѓа од „мрежа на терористи“.

„Мој приоритет сега е да им помогнам на семејствата на жртвите во овој варварски напад“, напиша Гани на Твитер.

Овој напад е најкрвавиот терористички напад извршен од почетокот на годината досега во Авганистан.

Сѐ уште ниту една група не ја презеде одговорноста за овој терористички напад, додека талибанците го осудија нападот.