И Гази Баба ќе се задолжува – ќе издаде обврзница од 5 милиони евра!

1138

Општина Гази Баба ќе се задолжува со издавање на обврзница од 5 милиони денари за реализација на капитални проекти. Прв со ваква идеја излезе градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

За оваа предлог одлука на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, ќе се одлучува на утрешна седница на Советот. Со парите кои би се обезбедиле на ваков начин ќе се реализираат осум проекти од кои три се за изградба на фекална канализација, санација на улици, пречистителна станица, нови детски градинки и една нова училишна зграда.

Зелените од Гази Баба бараат појаснување на одлуката бидејќи сметаат дека документот што им е приложен на советниците не дава јасна слика како ќе се трошат парите.

– По кој пат граѓаните ќе плаќаат инфраструктура која одамна требало да биде изградена и дали е фер да бидат задолжени граѓани кои домаќински си платиле комуналии и даноци на грбот на легализирани дивоградби. За крај, доколку ја изгласате предлог одлуката, се надеваме дека имате бекап план како сите тие средства ќе бидат вратени и дека посебно треба да се внимава откако ќе се изгласа одлуката средствата да се трошат наменски и домаќински – велат  Зелените од Гази Баба.