Поништен конкурсот за Расадник, ќе се распишува нов со нелимитирачки услов   

192

Поништен е конкурсот за урбанистичко решение за локалитетот Расадник затоа што пристигнале само четири труда од земјава и странство, со што не е исполнет условот од минимум седум. Но, тоа не значи дека општина Кисела Вода се откажува преку меѓународен конкурс да побара решение како во иднина ќе треба да се уреди овој слободен простор во општината. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР вели дека Комисијата во наредните денови треба повторно да ги утврди условите на конкурсот. Според него, измена евентуално би имало во тоа дека нема да се ограничи минималниот број на пријавени трудови, како што беше сега

 

Поради неисполнување на условите, градоначалникот на општина Кисела Вода го поништи меѓународниот конкурс за урбанистичко решение за локалитетот Расадник. Конкурсната комисија констатирала дека пристигнале само четири урбанистички труда (еден од Македонија и три од Европа и Азија) со што не е исполнет условот од минимум седум решенија како што се бараше со конкурсот. Поради тоа, комисијата му предложила на градоначалникот да го поништи конкурсот.

Но, тоа не значи дека општина Кисела Вода се откажува преку меѓународен конкурс да побара решение како во иднина ќе треба да се уреди овој слободен простор во општината.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР вели дека Комисијата во наредните денови треба повторно да ги утврди условите на конкурсот. Според него, измена евентуално би имало во тоа дека нема да се ограничи минималниот број на пријавени трудови, како што беше сега.

– Тоа ќе се реши наредните денови, по што повторно би се објавил конкурсот – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е битно тоа што нема да се откажат од идејата ДУП за Расадник да биде креиран по пат на меѓународен конкурс и избрано идејно решение.

– По севкупна анализа за причините за малиот број на пријавени компании од Македонија, како и одржување на состаноци и координација со партнерите во овој проект: Архитектонскиот факултет од Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, наскоро повторно ќе биде објавен нов меѓународниот конкурс со цел овој дел од Кисела Вода и Градот Скопје да добие хумано и пристојно место на живот – истакнаа од Општина Кисела Вода.

Оттаму велат дека во Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година предвидени се средства за изработка на Деталниот урбанистички план за Ј14 – или народно кажано ДУП Расадник, и веднаш по изборот на идејното решение ќе се пристапи кон спроведување на тендерска постапка за избор на изведувач кој ќе го изработи.

Во Конкурсната документација јасно беа поставени условите дека на оваа локација мора да има минимум 100.000 квадратни метри парк шума, објекти од јавен карактер како високо образовна институција, основно училиште, градинки, верски објект и други инфраструктурни објекти од јавен интерес. И се очекуваа решенија што ќе понудат предност на јавниот интерес наспроти приватниот и ќе се овозмoжи Расадник да биде место за хуман живот.

Меѓународниот конкурс за избор на идејно урбанистичко – архитектонско решение  за градска четврт Ј14 -Расадник беше распишан на 12.07.2022 година.

(А.П.)