„Знаеше да каже: ‘Цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор, а што сум јас?‘. Сега ќе ти кажам, ти си маестро“, рече синот на Александар Џамбазов, Игор во своето емотивно обраќање на комеморацијата што денес во Националната опера и балет, наместо со едноминутен молк, започна со звуците на „Рапсодија за Скопје“

„Си заминува во музичката историја Александар Џамбазов, човекот чие име повеќе од 50 години растеше и израсна во синоним на македонската популарна музика. Во тој долг творечки период, неуморниот творец создаваше многубројни композиции во повеќе музички жанрови. Во последните 15-ина години, се повлече од музичката сцена. Последната средба со скопската публика му беше на јубилејниот концерт што го организираше Сојузот на композиторите на Македонија по повод 50-годишнината. Тогаш, во преполната сала на АРМ, прозвучеа најубавите композиции на маестро Џамбазов. Тоа беше еден од најубавите музички настани од осамостојувањето на Република Македонија и како да оживеаја надежите дека може да се врати златниот период на македонската популарна музика“, рече претседателот на Собранието на Сојузот на композитори на Македонија, Јане Коџобашија, на денешната комеморација во чест на нашиот еминентен композитор и диригент Александар Џамбазов, која, во Националната опера и балет, наместо вообичаено со едноминутен молк, започна со звуците на неговата „Рапсодија за Скопје“.

Композиторот Стојан Стојков, како негов долгогодишен пријател и колега, откри дека Џамбазов секогаш се грижел за состојбите и за творештвото на македонските автори. Според Стојков, Џамбазов бил многу непосреден човек, ги сакал луѓето и со него можело да се разговара на секоја тема.

„Тој е еден, можеби од неколкутемина автори културни дејци, културни работници што многу значеше за уметниците затоа што имаше визија“, истакна Стојков.

За овој „тивок човек со беспрекорна репутација и со огромни човечки и професионални квалитети, чија страсна љубов кон музиката фрлаше посебна светлина на сцената додека диригираше со Танцовиот и со Ревискиот оркестар, или додека сесрдно ги поттикнуваше и храбреше првите чекори на младите музички таленти на фестивалот ‘Златно славејче’“, како што напиша во својата телеграма премиерот Димитар Ковачевски упатена до семејството на Џамбазов, зборуваше и Антоанета Токовска-Котевска, претседател на ЗАМП, која со тага му се заблагодари на маестрото.

„Му благодарам што ме донесе на сцената и што и ми го одреди музичкиот пат“, кажа Токовска-Котевска, укажувајќи на неговиот огромен авторски опус и истакнувајќи дека во неговото досие во ЗАМП уредно се пријавени 982 авторски дела.

На комеморацијата присуствуваа и ќерката на Александар Џамбазов, Татјана Џамбазов, како и синот, познатиот актер Игор Џамбазов.

„Цел живот живееше во сенка, но беше најголемиот гениј во нашето семејство. Знаеше да каже: ‘Цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор, а што сум јас?‘ Сега ќе ти кажам, ти си маестро, мој маестро“, рече Игор во своето емотивно обраќање.

Александар Џамбазов беше истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанрови, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аранжмани и со 1.450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио-телевизија.

Добитник е на голем број стручни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, по комеморацијата порача дека во чест на маестро Александар Џамбазов ќе иницира, со одлука, улица во Град Скопје да го носи неговото име.

Фото:П.Стојановски