За Европската Комисија средбата Путин-Макрон не се коси со стратегијата на ЕУ

21

Претседателот на Франција Емануел Макрон денеска во Москва ќе се сретне со неговиот руски колега, Владимир Путин, во услови на силни тензии на руско-украинската граница, што за ЕУ претставува дел од нејзините напори за деескалација, јавува дописничката на МИА од Брисел.

И покрај низа критики од одредени страни во јавноста, францускиот претседател Макрон смета дека средбата со Путин е конструктивен чекор во обидот за дијалог со Русија.

Европската Комисија и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, остануваат на ставот дека руското воено присуство на украинската граница е неоправдано, но не гледа проблем во средбата помеѓу Макрон и Путин.

-ЕУ е многу јасна и координирана бидејќи темата е дискутирана помеѓу 27-те земји членки, ова што се случува е непровоцирано и неоправдано, и постои потреба за ангажман со Русија за да се разберат причините за ова однесување, изјави денеска портпаролот за надворешни работи Петер Стано, одговарајќи на новинарско прашање за средбата Макрон-Путин.

Стано нагласи и дека Русија нема причина да се смета за загрозена.

-Нема причина за собирање на толкаво воено присуство на границата. Украина не претставува никаква закана, ниту пак ЕУ или западната заедница што било сториле за да пробудат чувство дека Русија е под закана како што тврди, изјави портпаролот.